МНР добило потврда за оштетените автомобили во Грција, очекува детали по што соодветно ќе реагира

Објавено на 28 јули, 2022 во 13:01

Околу 20 искршени автомобили со македонски регистарски ознаки во текот на вчерашниот ден беа забележани во грчките туристички места Калитеа и Афитос.

Од Министерството за надворешни работи за „Локално“ информираат дека по добиените наводи за инцидентите со оштетените возила во Република Грција, Амбасадата на Северна Македонија во Атина и Генералниот конзулат во Солун веднаш стапиле во контакт со надлежните институции и органи.

-Според првичните разговори, добиена е потврда од надлежната полициска станица во Касандра за вкупно шест пријавени оштетени возила со регистарски таблички на возила од Северна Македонија. Во принцип, се работи за искршени стакла на возилата.Нашите дипломатски конзуларни претставништва во Грција се во очекување на официјалнo известување, вклучувајќи и детали за случајот, по што Министерството ќе процени за соодветна реакција, велат од МНР.

Информациите за оштетените автомобили заедно со фотографии кои го сведочат инцидентот, беше објавена во фејсбук групата „Грција во живо“.

-Ова е срамен чин на најобични будали врз основа на кој цел народ ќе биде окарактеризиран како таков. Ако некој од вас е меѓу нив, веднаш отидете во полиција во Касандра, многумина веќе пријавиле и инсистирајте да се погледнат камерите долж целиот пат бидејќи тоа не се случило на едно место, туку на неколку локации, стои во објавата на Фејсбук-групата .

Администраторот препорачува сите вакви инциденти да се пријават во полициската станица во Касандрија и да се бараат снимки пд камера за да бидат откриени насилниците и вандалите.

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.