“Да, можеби, не” – Интерактивна обука и дискусија во Велес на новинари за ЕУ интеграција на Македонија
За значењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ за локалните заедници, за основните термини, за клучните институции, за нивната улога и за надлежностите како и фондовите кои се најважни во унијата, денеска, во Велес се обучуваа новинари од локални, регионални и национални медиуми. Преку интеракција и дискусии, новинарите, добија знаења за изворите на информации и алатките за информирање, за истражување, за анализа и за следење на теми на ЕУ Портал како и за тематските страници, институциите, агенциите и другите тела на унијата. Пред учесниците на обуката,претставничка на Секретаријат за европски прашања, ја презентираше новата методологија за проширување на ЕУ и Северна Македонија, како дел од процесот и начинот на одлучување. Исто така беа претстаени примери на истражувања и работа на текстови на новинари од регионот. Македонските новинари стекнаа вештини како што е употреба на информации од јавен карактер, користење на online и offline база на податоци и други видови на извори.
Целта на обуката е претставување на важноста на овој процес за сите граѓани.
Обучувачите Лола Милојевиќ, Јелка Јовановиќ и Маја Вукадиновиќ ги презентираа начините на известување со кои што информирањето на јавноста ќе биде поквалитетно и поефикасно преку користење на разни аспекти од процесот додека новинарот Никола Рафишевиќ ги сподели своите искуства преку подготовените медиумски производи посветени на евроинтегративниот процес на Република Србија.
За знаењето на новинарите и особено за унапредувањето на квалитетот на известување беа преставени клучни алатки и техники започнувајќи од основните принципи на писменот на податоци, data literacy, до современи начини на нивна примена. Новинарите развија вештини неопходни за поширок аналитички пристап за известување на различни теми.
На обуката беше потенцирано дека многу важна е и напредната комуникација меѓу самите новинари, од различни региони во државата, како и размената на искуства и унапредување на соработката со релевантни и надлежни институции.
Денешната едноднодневна интерактивна обука и дискусии во Велес беше прва од планираните четири регионални во државата. Втората ќе се одржи во југоисточниот регион, во Струмица, третата во југозападниот регион поточно во Битола и последната во југозападниот регион во Тетово.
Обуките ги реализираат „People 2 People“и „ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал“ во рамките на активностите на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, финансисиран од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка СИДА и имплементирани од Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги УНОПС.
Убавка Јаневска