Отворена изложба „ Интимно понирање“ на велешанецот Трајче Чатмов во Ликовен Салон
Повеќе од 40 дела работени во акрил техника на платно и хартија, со различен мотиви на велешкиот уметник Трајче Чатмов, се изложени во Ликовен салон во Велес. Изложбата насловена како „Интимно понирање“ беше отворена вчеравечер, по повод 9 ноември, денот на општината. Промоторот на изложбата Гоце Наневски вели дека со Чатмов се знаат долги години и сите негови дела ги гледа преку заеднички мигови кога растеле и учеле заедно.
-Оваа изложба има целина којашто во својата дефинитивна оска покажува дека Чатмов е многу посветен автор. Колегата Чатмов е секојдневно сликар, секојдневно е автор и твори. Но проблемот со којшто се соочува авторот со белото платно е истовремено убава но и страшна работа и практично целото негово творештво е едно херојство којшто го покажува патот понатаму. Тешко можам да ја гледам изложбата како еден индивидуален чин. Таа е само еден дел од мозаик кој Трајче го создава и не наградува нас останатите гледачи со неговите вредности. Многу се радувам што има ново камче во мозаикот и што тука сме заедно да посведочиме за тоа камче, додаде промоторот Наневски.
Трајче Чатмов ги покани велешани да ги разгледаат неговите дела и да пробаат истите да ги „прочитаат“ но нагласи дека некои се толку тешки што и самиот не може да ги прочита.
-Оваа изложба е дел од една серија којашто се уште трае и е наречена „Интимно понирање“. Во смисла на лични моменти коишто ги изразуваш кога остануваш сам и кога комуницираш самиот со себе, но не кога си осамен. Поради оваа причина се и толку различни овие мотиви. За време на карантинот поради коронавирусот излезе една цела серија на слики, додаде Чамков.
Дел од сликите за прв пат се изложени во Ликовен салон и велешани ја имаат таа чест, до крајот на месец ноември, први да ги разгледаат и да пробаат да ги „прочитаат“.
Стефани Манева