Од денеска ќе се реконструира железничкиот патен премин на Стар мост, сообраќајот ќе биде пренасочен
Македонски железници во соработка со Општина Велес од денеска, 14 ноември, започнаа со реконструкција и модернизација на коловозот со елементи од рециклирана гума на патниот премин на Стар мост што се спојува со улиците „8-ми Септември“ и „Димко Најдов“.
Од Општина Велес соопштија дека поради реконструкцијата на железничкиот патен премин ќе се воспостави времена измена на сообраќајниот режим на овој патен правец.
-За времетраењето на градежните работи Стар мост ќе биде затворен за секаков вид на сообраќај со поставена сообраќајна сигнализација. Сообраќајот ќе биде пренасочен и ќе се одвива од десната страна на река Вардар преку улиците „8 Септември“ и „Димко Најдов“, додека од левата страна на Вардар ќе се одвива по улиците „Димитар Влахов“, „Петре Прличко“, „Кресненско востание“, „Ангел Мишев“, „Браќа Капчеви“ и „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, пишува во соопштението.
Градежните работи ќе бидат завршени на 19 ноември до крајот на денот.
Се апелира до сите граѓани да возат внимателно, да ја прилагодат брзината на движење и да ја почитуваат поставената сигнализација. Исто така, од Општина Велес замолуваат граѓаните да покажат трпение и разбирање во интерес на безбедно и квалитетно извршување на градежните работи.
Стефани Манева