Дигиталниот рентген апарат, во велешка болница, снимил над 16.320 пациенти
Јапонскиот дигиталениот рентген апарат „Шиматцу“ започна да снима лани, во септември. Општа болница Велес го доби како донација, вредна 60.000 евра од Јапонската амбасада. За 11 месеци на медицинскиот апарат реализирани се 16.320 здравствени услуги. Рентген апаратот, денеска, го предаде на болницата Амбасадорот на Јапонија Н.Е. Савада Хиронори.
– Во рамките на иницијативата на Западен Балкан, Јапонија е силно посветена да ја поддржи Македонија во социјалниот и економскиот развој што е многу важно за интеграцијата на Европската Унија. Се надевам дека и во иднина ќе можеме да го поддржиме здравствениот сектор и неговите капацитети, додаде Амбасадорот Н.Е Хиронори.
Медицинскиот апарат особено бил значаен за време на корона пандемијата кога велешка болница можела да ги раздвои потребите на пациентите од рентген снимања на болните од заразната и од други видови на болести, рече директорот д-р Божидар Бојаџиев.
-Сакам да ја изразам мојата благодарност до јапонскиот народ за донацијата на најнов дигитален рентген апарат. Сакам да нагласам дека ЈЗУ Општа болница Велес неколку пати има добиено различни донации од јапонскиот народ во вид на техничка опрема и апаратура. Овојпат добивме нов рентген апарат „Шиматцу“, во времето кога со големи тешкотии се справувавме со ковид пандемијата, кога моравме сите пациенти и здрави и болни да ги снимаме со стар, дотраен апарат а сепак да ги запазуваме протколите. Новиот апарат дојде во вистинско време и започна со работа на први септември 2021 година. Ја користам можноста да се заблагодарам од името на скоро 17.000 пациенти коишто се снимаа со нов апарат, брзо и со многу помала примена зрачна доза, додаде Бојаџиев.
Според Д-р Марионка Дејановска, раководител на Одделение за радиодијагностика апаратот обезбедува брз и висок квалитет на снимки, е многу прецизен и овозможува да се откријат најситни промени во човечкото тело. Бенефит има и медицинскиот кадар и пациентите. Вториве особено и во делот на минималното озрачување.
Градоначалникот на Општина Велес Марко Колев, му се заблагодари на Амбасадорот за поддршката и нагласи дека таа е само една од повеќето, што изминатава година во вид на донации, ја добила општина Велес.
Колев ги нагласи дониациите во апарати за подобрување на работата на болницата, започнатата реконструкција на кровот на ООУ „Блаже Конески“, двете возила на Здравствен дом Велес, донациите за подобрување на условите во училиштата, и опремата за пожарникарите.
Инаку, досегашната јапонска поддршка во Македонија, преку 171 ГГП проекти изнесува вкупно 8.5 милиони евра.
Стефани Манева