Затворениот нов пливачки базен ќе се гради покрај Градскиот отворен кој пак ќе се реконструира пред летната сезона 2019-та
Наместо во дворот на ООУ „Васил Главинов“ ветениот пливачки ќе се гради до постоечкиот градски отворен базен. Министерството за образование и покрај залагањето на општина Велес не даде дозвола, да отстапи дел од дворното место на ова основно училиште во Велес за изградба на затворениот пливачки базен. Ова денеска го соопшти градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
-Бидејќи од министерството ни случајно не сакаат да ни дадат согласност за измени и дополнување на Дуп-от за таму да го изградиме базенот ние пронајдовме решение и затворениот пливачки базен ќе го изградиме до градскиот, на самиот влез од северна страна каде што претходно имаше лулашки и клацкалки. Објектот ќе биде со димензии 20,4 х 30,4 метри, со висина од 5, 6 метри. Самата водена површина која ќе биде изведена со 4 ленти, е со димензија 25 х 9 метри. Базенот ќе биде со длабочина од минимум 80 сантиметри до 1,2 метри, рече Коцевски.
Тој додаде дека на овој начин Велешани ќе добијат пливачки комплекс во кој како младите така и возрасните ќе можат да пливаат и да рекреираат во текот на целата година.Паралелно со изградбата на затворениот ќе се реконструира и Градскиот, постоечки базен, за претстојната летна сезона да биде ставен во употреба. Според првичните пресметки реконструкцијата ќе чини 50.000 евра, пари од буџетот на Општина Велес, доколку не се изнајде друго решение.
Градоначалникот ја информираше јавноста дека општината работи на решенија за сите објекти кои ги има во сопственост како Офицерскиот дом, „Вила зора“, зградата на синдикатот.
-За големи инфраструктурни зафати покрај финансиските средства, потребно е да се изнајдат и соодветни решенија од кои придобивки ќе имат сите граѓани на Општина Општина Велес. Се надевам дека ќе успееме да ја оствариме вољата и желбата на велешани да добијат нови објекти и содржини во согласност со нивните барања од јавните расправи“, додаде Коцевски.
Одговорајќи на новинарско прашање зошто новиот базен не се гради на левата страна на градот, од каде има бројни реакции на граѓани кои сметаат дека е запоставена во споредба со центарот и новиот дел на Велес, Коцевски одговори дека за жал таму немало празна локација, доволно голема парцела, што би одговарала на димензиите на новиот базен или за некоја друга намена. /У.Ј