Др Тодоровски: Половина град болен а нема официјално пријавен пациент со грип
Во Центар за јавно здравје Велес нема пристигнато податоци од матичните лекари во кои се евидентирани случаи на болни граѓани од грип. Ова денеска ни го потврди др Бојан Тодоровски од центарот за јавно здравје Велес што зачудува бидејќи голем дел од граѓаните како за време на празниците така и во моментов бараат лекарска помош за својата здравствена состојба која освен кијавица, солзење на очи и течење на нос исто така покажува и зболки во грло, загноени крајници или проблеми со респираторен тракт.
Според др Лилија Чолакова Дервишова зголемен е бројот на граѓани коишто бараат лекарска помош но кај нив најчесто се констатирата болестите бронхити, синусити, присуство на стрептокока но немаат симптоми на грип.
-Не би рекла дека во Велес има грип. Поголем број од пациентите доаѓаат со настинки коишто ги добиле за време на празниците не обрнувајќи многу внимание на гардеробата што ја носеле, сакам да кажам наместо топла таа била лесна а и не внимавале на температурните разлики во смисла во просториите на домот потопло додека надвор од него ладно време. Но и факт е дека во изминатиот период имавме загадување на воздухот кое кај одредени пациенти се рефлектира со надразнувачки кашлици, коишто се суви додека при прегледот со стетоскоп утврдуваме бронхити и бронхопневмонија за што им се дава соодветна терапија, додаде др Чолакова Дервишова.
Докторката исто така додаде дека постојат и случаи кои имале вирусна која преминала во секундарна инфекција и затоа работеле повеќе лабораториски наоди со цел резултатите точно да ја утврдат состојбата и видот на заболувањето.
Според изјави на родители чиишто деца лежат на Детско одделение во велешка болница таму веќе немало празен кревет а нивните деца се лекувани од грип. Болницата даде извештај за периодот од 20 декември, минатата година до 4 јануари годинава во кои пишува дека на детско одделение со горно респираторна инфлуенца биле прегледани 293 деца на различна возраст. Во истиот временски период на дневна болница биле примени 18 дечиња, тогаш на одделението имало 30 хоспитализирани како и дополнително примени уште 23.
Центар за јавно здравје Велес извештаи од матичните лекари за заразни заболувања прима еднаш седмично што значи дека поради празниците најверојатно податоците за минатата недела ќе стигнат наредниот понеделник.
Убавка Јаневска