Владата одлучи: Пекарите имаат обврска да го произведуваат и продаваат лебот по замрзната цена
Владата донесе одлука со која производителите на леб и пекарите имаат обврска да го произведуваат и да го ставаaт во промет лебот со замрзната цена. Ова синоќа го објави министерот за економија, Крешник Бектеши.
-НОВА ОДЛУКА ЗА ЦЕЛОСНА ЗАШТИТА НА ГРАЃАНИТЕ! Секој ПРОИЗВОД ќе го има, и тоа со ФЕР цени, вака истакна Бектеши на својот Фејсбук профил.
Во одлуката на Владата стои: „Со оваа одлука се определува обврска на трговците кои претставуваат правни и физички лица кои се регистрирани за вршење трговска дејност во соодветен регистар согласно закон, како и трговците кои претставуваат правни и физички лица за вршење производство кои своите производи ги продаваат на пазарот во сопствени продавници или на други трговци на големо и мало со прехранбени производи, да прибавуваат и/или продаваат леб бел и полубел“.
Трговците на мало кои продаваат леб, имаат обврска во структурата на дневната набавка на сите видови леб, да имаат најмалку 80 отсто од лебот со замрзнатата цена, се наведува меѓу другото во текстот на одлуката што денеска е донесена и објавена во Службен весник.
Дума.мк