На денешен ден пред 43 години почина Јосип Броз Тито
Пред 43 години, на 4 мај 1980 година почина доживотниот претседател на Социјалистичка Федеративна Република Југославија (СФРЈ) Јосип Броз Тито, водачот на југословенските партизани во Втората светска војна и лидер на Комунистичката партија на Југославија.
Како што пренесе Бета, тој ја извади земјата од советскиот блок, го иницираше нејзиниот сеопфатен развој и беше еден од водачите на Движењето на неврзаните.
Тој беше на чело на Југославија од 1945 година до неговата смрт, а почина на 88-годишна возраст, во Клиничкиот центар во Љубљана, главниот град на Словенија, во 15 часот и 5 минути.
Неколку години, на 4 мај во 15.05 часот, се огласуваа сирените и превозот запираше, а граѓаните на Југолсавија стоеја во место и со молчење му оддаваа почит на Тито.
Четириесет и третата годишнина од смртта на Тито денеска ќе биде одбележана во Куќата на цвеќето во Белград, каде што беше погребан, во Кумровeц, Хрватска, каде што е роден и на уште неколку места.
Гробот на Тито, Куќата на цвеќето, кој е дел од Музејот на Југославија на Дедиње, од погребот до денес го посетиле околу 20 милиони луѓе.
На неговиот погреб присуствуваа повеќе од 200 делегации од целиот свет, претседатели, премиери, кралеви и владетели и партиски лидери од 107 земји.
Јосип Броз Тито беше роден во Кумровeц во мај 1892 година. Неговиот роденден се славеше на 25 мај, како „Ден на младоста“.
Дума.мк