Нови вмрежувања за македонската стрип сцена
Стрип центарот на Македонија- Велес продолжува со отварањето врати за македонските стрип автори кон нивна промоција надвор од државата. Како што соопшти Томе Трајков –програм координатор на македонскиот стрип центар , оваа базична организација на деветата уметност кај нас веќе се вклучи во Европскиот форум на илустратори како и во мрежата CAN for BALKANS (Comics Alliance Networking for Balkans) заедно со партнери од : Романија, Србија , Албанија , Белгија.
Она што е најнова информација, е вклучувањето во проектот ECHO академија на стрип уметници преку својот претставник Ангела Петрушевска од Скопје. Проектот е имплементиран од страна на INTER ALIA, Грција заедно со : Фондација отворено општество од Бугарија, сфера интернационал од Македонија, како и PRO PROGRESSIONE од Унгарија и CUMEDIAE од Белгија. Имено, млади стрип автори од Грција, Бугарија, Србија, Холандија , Ирска ќе престојуваат на оваа стрип академија во Атина во период од 3 недели и ќе создаваат уметничко дело инспирирано од куклен театар на сенки „Карагоз“. Избраните уметници ќе создадат оригинални стрип-уметнички дела (2-5 страници по стрип уметник) кои ќе бидат објавени во колективен издание од издавачот Jemma Press од Грција и план за пилот проект дизајниран да се спроведе во нивната матична земја во соработка со Интер Алија и локалната матична организација.
Трајков додаде дека придобивки за ангажираните стрип уметници се: развој на портфолио,развој на капацитети, вмрежување, меѓународна соработка и видливост, менторство и индивидуални консултации како и консултации за пазарност. Додека пак придобивки за матичните организации се развој на капацитетите, вмрежување, меѓународна соработка и видливост.
Тој ја нагласува и позитивната комуникација со носителите на проектот од Грција на коишто како што потенцира, не ја применувале додавката „Северна“ во името на нашата татковина. Впрочем секоја вистинска соработка се базира на почит кон државата (заедно со историја и јазик ), почит кон организацијата како и почит кон целокупната македонска стрип сцена.
Проектот е кофинансиран од страна на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Дума.мк