15-20 денари за килограм праски
Зависно од квалитетот, килограм праска во Росоман се откупува по цена од 15 до 20 денари. Проблеми со пласманот нема, потврдија денеска претставници од МЗШВ, заедно со градоначалникот на Росоман, државниот инспекторат за земјоделство и Државната финтосанитарна лабораторија, кои ги посетија откупните пунктови во Росоман.
„Околу 60 отсто од вкупниот извоз на праски оди на рускиот пазар, проблемите за извоз во Руската федерација се надминати. Државниот инспекторат за земјоделство е постојано на терен, исто така и Државната фитосанитарна лабораторија дежура и во сабота и недела за примање и издавање на анализи за да бидеме експедивни, со цел производот да се извезе и да нема застој. Цената се движи во зависност од квалитетот“, изјави Трајан Димковски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство
Градоначалникот на Росоман, Бранко Јанев посочи дека во текот на денешниот ден е купена целата роба што е понудена за откуп, дека доволно заинтересирани откупувачи и очекува целото производство да биде откупено. Според него, дел од реакциите во изминтиве денови по социјалните мрежи биле исполитизирани.
„Како откупувачи ни требаат праски. Род има годинава. Бидејќи вчера беше празник во Росоман, немаме и доволно стока за откуп. Во зависност од квалитетот на сите ќе им биде откупена праската. Се товараат камионите за Русија и Косово. Нашите купци не чекаат. Плаќањето на праските е веднаш. Секој ден ќе испраќаме по 2-3 шлепери. “ вели Беким Скендели.
Директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов, изјави дека дека инспекторите се постојано на терен, се земаат мостри за габата „Monilinia fructicola“ кај коскесто овошје, и засега сите резултати се негативни и праските се извезуваат на рускиот пазар.
Во текот на оваа недела МЗШВ ќе има средба и со компаниите од индустријата за да се договори откупот на праски за преработка, а ќе продолжи комуникацијата со земјоделците и откупувачите, со цел да има поблиска соработка, што ќе резултира со откуп на целокупната произведена количина на праски./А.Д