Започна изградбата на социјални станови во Неготино
За прв пат Неготино добива социјални станови. Денеска официјално започна изградбата на социјална зграда на влезот во Неготино. Ќе се изградат 62 стана за семејства кои се во социјален ризик. Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски информира дека во социјални згради ќе се изградат во повеќе општини во земајва.
„ Зградата во Неготино ќе има 62 стана и ќе помогне во решавањето на станбеното прашање на социјално загрозени семејства. Во текот на оваа година планирано е исто така отпочнување со градба на социјални станови во Гевгелија, Пехчево, Свети Николе, Велес, Виница, а во Бутел во Скопје се планирани околу 312 станови. Сакам да нагласам дека покрај тоа што го правиме со јавните претпријатија во патната, железничката и комуналната инфраструктура, особено ни е важна и изградбата на социјални станови“ рече Сугарески.
Генералниот директор на АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор, Кристијан Трајковски соопшти дека рокот за изградба е 18 месеци. Тој не ја исклучи можноста изградбата да заврши и за пократок период, а потоа да им се доделат на семејства кои ги исполнуваат условите.
„Остануваме силно посветени на изградбата на сите станови кои ги најавивме. Следува интензивен период. Продолжуваме со зградата во Бутел, Виница и Свети Николе во текот на август, од ноември уште пет згради ќе почнат да се градат во Дебар, Велес, Гевгелија“ вели Трајковски.
Со претходните две и најавените осум, до крај на година треба да се заокружи проектот Ф/П 1674, за станови за социјално ранливи категории.
Градоначалникот на Неготино, Тони Делков изрази задоволство и благодарност до министерот и директорот. Рече дека категоријата на луѓе од ранлив карактер е добредојдена во Неготино. Нагласи дека е ова прва социјална зграда овде.
„Општината останува посветена на решавање и на сите други проблеми кои се од социјален карактер. Благодарност до Владата за кредитот кој го зема за развој преку банката за развој, за да може да им се излезе во пресрет на ранливите категории, нагласи Делков./А.Д