Твитер се повлече од доброволниот кодекс за дезинформации на ЕУ
Фото: Joshua Hoehne, Unsplash
Од август, Твитер ќе биде законски обврзана да се бори против дезинформациите во Европската Унија
Социјалната мрежа Твитер се повлекла од доброволниот кодекс на Европската Унија (ЕУ) за борба против дезинформациите. Веста ја објави комесарот за внатрешен пазар на ЕУ, Тиери Бретон, кој ја предупреди компанијата на Илон Маск дека ќе мора да ги почитува новите закони, пренесува Би-Би-Си.
„Обврските остануваат. Можете да бегате, но не можете да се скриете“, напиша Бретон на Твитер.
Почнувајќи од 25 август, Твитер, како и сите други платформи што бројат повеќе од 45 милиони активни корисници месечно во ЕУ, ќе бидат законски обврзани да се борат против дезинформациите во блокот.
„Нашите тимови ќе бидат подготвени за спроведување“, додаде комесарот за внатрешен пазар Бретон.
Десетици технолошки компании се регистрирани на кодексот за дезинформации на ЕУ, а меѓу нив и „Мета“ – која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, но и „Гугл“, „Мајкрософт“, „ТикТок“ и „Твич“.
Лансиран во јуни минатата година, кодексот има за цел да спречи профитерство од дезинформации и лажни вести, како и да ја зголеми транспарентноста со цел да го спречи ширењето на ботови и лажни кориснички сметки.
Компаниите што го потпишуваат кодексот можат да одлучат кои ветувања кон ЕУ да ги дадат – соработка со проверувачи на факти или следење на политичкото рекламирање.
Откако Илон Маск ја презеде социјалната мрежа Твитер, критичарите велат дека модерирањето на содржините таму е намалено, што овозможило зголемено ширење на дезинформации. Гигантот на социјалните мрежи порано имаше посветен тим кој работеше на борба против координираните кампањи за дезинформација, но експертите и поранешните вработени на Твитер велат дека мнозинството од овие специјалисти дале отказ или биле отпуштени.
Би-Би-Си минатиот месец откри дека стотици руски и кинески државни пропагандни профили напредуваат на оваа социјална мрежа.
Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар