(фото) Мелничките иселенички средби ќе прераснат во традиција
Одржувањето на првата иселеничка средба „Мелница 2023“ значи остварување на дамнешната желба на македонските иселеници од граѓанското здружение „МАК – МЕЛ“ во Швајцарија, во нивното родно место да се организира културна манифестација на којашто ќе се промовираат јазикот, традицијата, фолклорот и музика. Иницијативата потекна од Ердован Еки Етоски и Бекир Таироски а ја прифати и претседателството и членовите на „МАК – МЕЛ“ во Швајцарија. Во името на ова граѓанско здружение, три дена по одржувањето на првата иселеничка средба, во село Мелница, во Општина Чашка, Едрован Еки Етоски вели дека се исполнети очекувањата во родниот крај да се слушне звукот на тапанот и зурлата, да се заигра орото, да се промовира убавата народна носија и жителите на Мелница да се веселат заедно со играорците, музичарите и естрадните уметници од Македонија.
-Средени се впечатоците и можам да кажам дека на 31 јули, годинава, во село Мелница, имавме убав културен настан. Тоа веднаш ми дава за право да кажам дека како иселеник заедно со мојот пријател Таироски со ЗГ „МАК – МЕЛ“ од Швајцарија како и со формирањето здружение на граѓани за граѓански иницијативи „МЕЛ – МЕЛ 2023“ од село Мелница започнуваме со организација на втората средба планирана за в година, бидејќи планираме да стане традиционална. Верувам дека моите сограѓани во Мелница имаа убаво доживување кога ги гледаа фолклористите од Чашка, од Роздуше и од центар Жупа заедно со познатите македонски естрадни уметници, додаде Еки Етоски.
Културниот настан го оживеа ова населено место во Општина Чашка иако траеше еден ден, поточно, една вечер. Настанот започна со свечено дефиле на фолклорните друштва, промоција на традиционалните вредности како што се дефилето, народните носии, фолклорот и музиката.
Пред почетокот на културно забавната програма на присутните жители во селото и поканети гости меѓу кои министерот Оливер Спасовски, пратеници од македонското собрание од Велес Игор Здравковски како и од неколку други општини, им се обратија и градоначалникот на Општина Чашка, Горан Стојановски како и заменик министерот за култура Даим Лучи.
-Ми преставува чест и задоволство што како градоначалник на Општина Чашка, посведочив на дамнешната желба на иселениците од Швајцарија и што на некој начин дадов придонес во реализацијата на првата иселеничка средба иницирана од ЗГ „МАК – МЕЛ“ од Швајцарија. Посакувам и како општина ќе се трудиме тој да стане традиционален, побогат со учесници а жителите во селото заедно со иселениците од Швајцарија да го негуваат, почитуваат и одржуваат овој настан, рече градоначалникот Горан Стојановски.
Потенцирајќи дека печалбарството оставило траги во повеќе делови од нашата земја, особено во мелничкиот крај од каде голем број на жители познати и признати по градителската традиција не зависно од причините за заминување од родното место го граделе и го градат својот нов дом во европските земји, Швајцарија, Германија, САД како и во Турција. Заменик министерот Даим Лучи констатираше дека сите тие имаат своја приказна, свои патишта и соништа.
– Затоа, со одржувањето на „Мелничките иселенички средби“, подаваме рака за заедно да ги негуваме и да ги унапредуваме културните врски и да соработуваме на проекти од заеднички интерес, за доброто на сите. Првите „Мелнички иселенички средби“ не се само собир на граѓани за да се потсетиме на минатото, да се сретнеме со роднините и пријателите туку се и можност да споделиме идеи за подобар живот од искуствата стекнати во светот. Ова е можност младите да се поврзат со своите корени, да се потсетат на јазикот, традицијата и обичаите, но и да изградат нови мостови со земјите во кои живеат, потврдувајќи колку сме горди на нашата култура и културни вредности, додаде Лучи.
Во културно забавната програма настапија естрадните уметници Благоја Грујовски, Елена Велевска, Зуко Нурчески, Далибор Даки Ѓошиќ а народната веселба продолжи со настапот на групата „Круна“.
Настанот финансиски беше помогнат од Општина Чашка со 150.000 денари, министерство за култура со 100.000 денари како и од други донатори.
Убавка Јаневска