Здравствен Дом Велес го реконстурира сопствениот простор во Центар за јавно здравје
Здравствениот Дом Велес со сопствени финансиски средства ја започна реконструкцијата на приземниот дел од зградата на Центар за јавно здравје Велес којшто е во негова сопственост. Станува збор за простор со вкупна површина од 200 м2 што се наоѓа од левата страна, веднаш до влезот во Центар за јавно здравје. Во него се сместени една лабораторија, чекални,ходници, три амбуланти од кои една стоматолошка ординација, една детска амбуланта и еден матичен лекар. Во амбулантите издадени на концесионери се менува само дограмата додека останатиот простор подложен е на целосна внатрешна реконструкција.
Oва е прва реконструкција на овој дел од зградата по неколку децении. Таму се вадат старите ѕидни и подни плочки, се рамнат и глетуваат ѕидовите и таваните, се менуваат прозорците и вратите, се поправаат тоалетите. Ќе бидат поставени и нови клупи и столици за потребите на граѓаните, поточно пациентите.
-Тоа значи комплетно обновување на ѕидови, подови, тавани, промена на дрвени со пвц прозори и врати како и реновирање на тоалети. Целта е да се создадат услови како за похумани услови за работа на здравствените работници така и за поквалитетни здравствени услови за граѓаните коишто ги издава нашата јавна здравствена установа. Исто така очекуваме да се постигне и поголема енергетска ефикасност но и да се подигне квалитетот на јавното здравје. Реконструкцијата ја реализираме преку јавна набавка и вложуваме финансиски средства на ЈЗУ Здравствен дом Велес, рече директорот Нино Николов.
Здравствениот Дом Велес за реконструкцијата на овој простор од сопствени средства издвои 2,5 милиони денари. Изведувач на реконструкцијата е фирмата „Арт инженеринг“ од Македонски Брод. Реконструкцијата започна на крајот од месец август и според тендерската документација треба да заврши на крајот на месец октомври, годинава.
Според директорот Николов следна поголема инвестиција на оваа јавна здравствена установа ќе биде реконструкцијата на фасадата на зградата на Здравствен дом Велес.
Убавка Јаневска