Успешна крводарителска акција во ССОУ „Коле Неделковски“, 38 ученици за прв пат дарувале крв

Голема и успешна крводарителска акција беше реализирана денеска во средното стручно општинско училиште „Коле Неделковски“. Четириесет и шест ученици ја подадоа својата рака и даруваа крв на традиционалната есенска крводарителска акција. Од велешки Црвен крст велат дека посебно ги радува фактот што денеска 38 ученици за прв пат ја подадоа својата рака и станаа дел од најголемото хумано семејство.
-Оваа бројка само ја потврдува хуманоста и големиот придонес за јавното здравје на вработените и учениците од средното училиште. Инаку, учениците од ССОУ „Коле Неделковски“ на двете крводарителски акции во 2023 година даруваа вкупно 103 крвни единици. Голема благодарност за раководните луѓе во училиштето кои даваат поддршка на крводарителството и секако за двајцата професори-мотиватори, Златко Здравковски и Горан Богоевски. Во реализацијата на акцијата беа вклучени двајца волонтери, додаваат од Црвен крст.
Крводарителската акција заеднички ја реализираа Црвен крст на РСМ Општинска организација Велес и Институтот за трансфузиона медицина од Скопје.
Стефани Манева
