Архитект Саздова: Ви предлагам совети за уредување на вашиот дом
Домот е простор кој се користи како постојано или повремено живеалиште на поедини лица или на цело семејство. Создавањето сопствен дом е една од најважните работи во животот на секој човек. Домот дава прибежиште, сигурност и слобода. Секој дом преставува одраз на тој што живее во него.
Доколку сакате да го промените изгледот на вашиот простор за живеење, без разлика дали станува збор за вселување во нов или реновирање на постоечкиот дом, ќе ви обрнам внимание на неколку суштествени работи, кои се неопходни за да го уредите просторот спрема вашите желби и потреби.
Одредете ги целите и потребите
Пред да почнете да го планирате просторот, потребно е внимателно да размислите за потребите на вашето семејство. Врз основа на нив, ќе разберете кои функции ќе треба да се одвиваат во вашиот простор, а вие сте тие, кои го познавате ритамот и пулсот на сопственото секојдневие. Разговарајте со вашето семејство долго и детално. Наведете кои се вашите приоритети, што е тоа без кое не би можеле да функционирате. Сето ова ставете го на хартија. Ова е клучен чекор за да се справите со проблемите кои треба да ги решите. Поставете си ги следните прашања:
-Како сакате да изгледа вашиот дом, што одговара најмногу на вашиот животен стил?
-Дали сакате отворен простор или повеќе помали интимни единици?
-Дали сакате заеднички простор или засебни простории за вашите деца?
-Дали имате потреба од работен простор или пак простор за вашето хоби?
-Ви треба ли повеќе простор за складирање или не?
-Сакате ентериер во кој ќе уживате долги години или сте повеќе склони кон чести промени? Ова во голема мера ќе влијае на изборот на материјали и парчиња мебел.
-Дали би сакале да ја жртвувате естетиката наспроти функционалноста или обратно?
Нацртајте го просторниот план
Откако ќе размислите за потребите и ќе ги дефинирате функциите на просторот, врз основа на нив, преминете на конкретно планирање и цртање. Можете да го направите тоа сами, доколку мислите дека сте доволно вешти. Или пак, доколку имате можност, ве советувам да ангажирате архитект или дизајнер на ентериер. Не ги потценувајте. Тие имаат знаење и искуство кое совршено ќе ви помогне во решавањето на ограничувањата на просторот.
При изборот на мебел, многу важно е да внимавате на димензиите на големите парчиња што ги планирате како софа, трпезариска маса, масичка за кафе, фотелја и други важни елементи. Ако земете премногу големи парчиња, ќе се појави фрустрација и незадоволство. Да не зборуваме дека понекогаш поради недоволно размислување доаѓаме во ситуација некои парчиња воопшто да не може да ги внесеме во станот. Затоа, цртањето и анализата на димензиите, е особено важен дел кога станува збор за адаптација на простор за живеење. Се препорачува, доколку немате многу јасна визија, да започнете со купување на основни парчиња мебел, а понатаму просторот да се надополнува со нови содржини во текот на времето.
Во оваа фаза функционално се зонира просторот за живеење односно се формира распоредот на просториите. Ова е предуслов за понатамошно планирање. Врз основа на тоа ќе планираме инсталации, осветлување, ќе ги дефинираме типовите на подови, ѕидови, палетите на бои и текстурата на материјалите.
Дефинирајте го стилот на уредувањето
Иако визијата за просторот се развива со текот на времето, добро е да се има основна идеја за стил, да се одредат материјалите и палетата на боите.
Не плашете се дека дефинирањето на вашиот стил ќе ве ограничи и условува. Тоа ќе ви даде рамка во која полесно ќе работите и донесувате одлуки. Прилично е важно да препознаеме што ни е најблиску и најубаво. Каква е атмосферата што сакате да ја создадете во вашиот дом? Размислете за секоја од собите посебно, како и за комплетниот простор. Дали сакате кујна која ќе биде срцето на домот, исполнета со чувство на топлина? Или повеќе сакате чисти и смирени простори?
Одлучете кои ќе бидат основните бои што ќе доминираат во просторот. За да дојдете до ова решение, претходно треба да ја изанализирате осветленоста и ориентацијата на вашиот дом.
Иако визијата за просторот се развива со текот на времето, добро е да имате основна идеја за стил, за да се одредат материјалите и палетата на боите. Не плашете се дека дефинирањето на вашиот стил ќе ве ограничи и условува. Тоа ќе ви даде рамка во која полесно ќе работите и донесувате одлуки. Прилично е важно да препознаеме што ни е најблиску и најубаво. Каква е атмосферата што сакате да ја создадете во вашиот дом? Размислете за секоја од собите посебно, како и за комплетниот простор. Дали сакате кујна која ќе биде срцето на домот, исполнета со чувство на топлина? Или повеќе сакате чисти и смирени простори? Одлучете кои ќе бидат основните бои што ќе доминираат во просторот. За да дојдете до ова решение претходно треба да ја изанализирате осветленоста и ориентацијата на вашиот дом.
Ако ѕидовите се осветлени, обојте ги посветли, а засенчените ѕидови оставете ги потемни. Ако некои од собите се свртени кон север, обојте ги во потопли тонови, а за јужната ориентација користете поладни. На ѕидовите во боја може да им се даде потребната топлина на дневна светлина. Добра препорака е да изберете еден или два основни тонови, по што ќе следат други бои. Доколку сте во можност, набавете тонска карта на производителот со чии производи планирате да го обоите просторот. Кога ќе ја потпрете тонската карта на вашите ѕидови, ќе видите како одредени тонови се однесуваат на светлината и ќе имате појасна визија. Светлината и големината на просторијата значително влијаат на изборот на бојата и на впечатокот што ќе се создава. Во оваа фаза, прелистувајте списанија и слушајте се себе си. Размислете на комбинацијата што најмногу ви се допаѓа, но обидете се да ја замислите во вашиот простор и прилагодете ја доколку е потребно.
Материјалите и текстурите придонесуваат за оформување на просторот исто како и бојата. Можеме да ги поделиме на топли (дрво, тула, керамика, теракота, волна, кадифе, кашмир) и ладни (метал, камен, мермер). Најпрепорачлива опција е избор на природни материјали, кога станува збор за трендовите во дизајнот на ентериер. Кога ќе ги комбинирате примероците од материјали со палетата на бои, добивате груба визија за просторот. Во оваа фаза, можете да го креирате колажот, кој ќе ви помогне да го почувствувате просторот.
Планирање на буџетот за уредување
Откако добро ќе ја анализирате моменталната ситуација, ќе ги согледате вашите желби и можности, може да се предвидат очекувањата од просторот, потребно е да преминете на една помалку интересна ставка. Се работи за планирање на буџетот. Ова е исклучително важен чекор. Прво, направете листа на сите погруби работи.
-Припремни работи (уривање и демонтажа со собирање на шут и одвоз до депонија)
-Ѕидарски работи
-Тесарски работи
-Бетонски и армирачки работи
-Поставување на водовод и канализација
-Поставување на термотехнички инсталации
-Поставување на електрични инсталации
-Гипсерски работи
-Изолатерски работи
-Керамичарски работи
-Подополагачки работи
-Браварски работи
-Столарски работи
-Молерофарбарски работи
Доколку планирате некои необични активности, задолжително ставете ги и нив на листата. По планирањето и буџетирањето за овој вид на работа, наведете го планираниот мебел, санитарни производи, кујнски апарати, осветлување, декорацијата. Сето тоа се ставки кои треба да се земат предвид. Подобро е да имате јасна финансиска конструкција на почетокот, отколку да оставите работите да се развиваат спонтано и без план. Ова може да ве стави во ситуација да останете без средства на половина пат низ процесот.
Реализација
Откако ќе ја заокружите вашата визија и ќе го испланирате вашиот буџет, време е да започнете со работа. Би било добро да најдете доверлив изведувач, кој што ќе ги координира сите фази. Обавезно склопете преддоговор, во кој ќе ги дефинирате сите рокови и активности и таканаречени “пенали”, воколку не бидат испочитувани договорените рокови.
Исто така инсистирајте на квалитет. Ако треба нека се преработат некои позиции, во колку не се изведени согласно договорениот квалитет. Трошоците за преработка треба да ги сноси изведувачот. Бидејќи немате искуство, можеби не сте доволно флексибилни за да ги следите благовремено сите активности. Па така ќе ви ги наведеме редоследно како следат сите работи при адаптацијата на вашиот стан:
-После рушењето и одвозот на шут се извршуваат бетонско армирачките и ѕидарските работи.
-Со завршување на овие позиции се овозможува поставување на електрична, водоводна, канализациона и термотехничка инсталација.
-Паралелно со изведбата на инсталатерските работи се извршуваат и сувомонтажни работи: изведба на преградни ѕидови и спуштени плафони од гипс картон, а на фасада се монтира фасадната столарија.
-Во колку ѕидовите се изведени од керамички блок се врши машинско малтарење со гипсан или цементен малтер(во зависност од типот на просторијата).
После оваа фаза се врши глетовање на ѕидовите и плафоните и фарбање со основна боја во еден слој.
А, потоа се спрема изведбата на цементна кошулица.
Кога ќе се заврши со поставувањето на кошулицата има услови за местење на внатрешната столарија.
Керамичарските и подополагачките работи (паркет, ламинат или плочки) се во оваа фаза.
На крај се изведува боење на ѕидовите во договорените техники и нијанси во втор слој.
Завршувајќи ги овие позиции следи комплетно чистење на просторот и монтажа на санитарии во тоалети и купатила, монтажа на светло и електрична галантерија, како и монтажа на грејни елементи во просториите.
Една од последните фази е внесот на намештајот и негова монтажа.
За да може еден простор да стане компактна целина, потребно е да носи личен печат и да ги отслика луѓето кои живеат во него. Од тие причини, последен елемент во адаптацијата на просторот за живеење е декорацијата. Дури по поставувањето на завршните декорации можеме да кажеме дека станот е комплетно завршен.
Ви посакувам успешно, возбудливо, креативно доживување во создавањето на вашето живеалиште,
дипл. инг. арх. Цветанка Саздова