Дамчевска Илиевска: Време е за акција – децата имаат право на безбедност

Објавено: 12 август, 2026, во 09:41 часот

Во обидите да дадам свој придонес во образовниот процес, во кој со децении вложував знаење, вештини, искуство и посветеност, креирав програми и пристапи засновани врз позитивни постулати: ненасилна комуникација, партнерство, доверба, почитување и култура на мирот.

Дел од тие идеи беа применувани во практиката и дадоа позитивни исходи.

Денес повторно ги ставам во фокус, особено во време кога насилството бара сериозен, стручен и одлучен одговор.

Време е превенцијата да се претвори во организирана акција

Токму затоа го издвојувам концептот „Училиштен центар за ненасилство и култура на мирот“ – модел што се темели на планирање, континуирана работа, менторство, следење и анализа.

Во август започнува планирањето со наставничките тимови и стручните служби. Се согледуваат потребите, се утврдуваат приоритетите и се подготвуваат активности за учениците и родителите.

Потоа следува вистинската работа: работилници, ин-сервис обуки, менторство, следење и рефлексија во текот на целата учебна година.

Во практичната работа се применува „Моделот на интерактивно конфликтно партнерство“ – пристап што конфликтот го насочува кон слушање, разбирање, комуникација и партнерско решение.

Се применуваат и „Стратегии за поттикнување на визуелно размислување“, како пристап во рамките на ненасилната комуникација. Понекогаш детето полесно го покажува она што го чувствува преку слика, симбол или визуелна приказна, отколку преку директен разговор.

Програмата мора да го опфати и дигиталниот свет: прекумерната употреба и зависноста од мобилни телефони, развивањето здрави дигитални навики и превенцијата и справувањето со дигиталното насилство.

Но, суштината е едноставна:

Детето да се чувствува безбедно, а родителот да биде сигурен дека има каде и кај кого да побара помош.

Затоа секоја активност мора да биде планирана, реализирана, следена и анализирана.

На крајот од учебната година се согледуваат резултатите: промените во училишната клима, односите меѓу учениците, наставниците и родителите и, пред сè, чувството на безбедност кај децата.

А анализата станува основа за следниот план.

Овој пристап произлегува од применета работа и позитивни исходи. Искуството покажува дека кога зад една програма стојат луѓе кои знаат, можат, умеат и сакаат да работат, промената е можна.

Затоа денес ги споделувам овие идеи како придонес, но и како повик за сериозна, стручна и истрајна работа.

Да ги поврземе знаењето и искуството.

Да ги активираме луѓето.

Да планираме.

Да работиме.

Да следиме.

Да анализираме.

Да мериме резултати.

И, пред сè, да го примениме сеопфатниот пристап на Целосно управување со квалитетот ( TQM), во кој централно место имаат луѓето и процесите.

Паралелно да работиме на едукација за ненасилна комуникација со родителите, наставниците и учениците.

Зашто културата на мирот не се создава со декларации

Таа се гради со работа.

А безбедноста на децата се обезбедува со одговорност, знаење, постојано учење, професионална рефлексија и саморефлексија.

И затоа, наместо само да зборуваме за проблемот, да се прашаме:

Каде сме?

Што направивме?

Што научивме?

Што уште можеме?

И најважно:

Што ќе направиме – сега?

Весна Дамчевска Илиевска

дипл. психолог и Доктор на мир и развој

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.