Голема инвестиција во Ски центар „Михајлово“: Јанчев најави нови ски стаза и лифт за двојно поголем капацитет

Објавено: 11 август, 2026, во 09:58 часот

Градоначалникот на Општина Кавадарци, Митко Јанчев, најави, нова голема инвестиција во развојот на „Ски центар Михајлово“, со која практично се зголемуваат двојно капацитетите на центарот, пренесе Прв.мк.

Како што истакна Јанчев, во телевизиско гостување, за проектот е обезбедена донација од 100.000 евра, а планот е уште во текот на претстојната сезона да биде изградена дополнителна ски стаза покрај постојната „Македонија“.

Новата траса е предвидено да се спушта од самиот врв во правец кон објектот „Шумска куќа“ или кон одморалиштето „Михајлово“, а покрај новата стаза, планирано е поставување и на уште еден ски лифт.

Според Јанчев, со реализацијата на овој проект, „Ски центар Михајлово“ ќе добие двојно поголем капацитет што го овозможуваат обезбедените финансиски средства за набавки на систем за вештачки снег, осветлување и комплетна потребна инсталација со кои што се создадваат значително подобри услови за зимски спортови и за рекреација.

Јанчев потенцираше дека особено значајно е што постојат компании кои ја препознаваат визијата за развој на Кавадарци и се подготвени финансиски да помогнат преку реализација на проекти.

Градоначалникот посочи дека Општина Кавадарци во изминатите осум години успеала да обезбеди најмалку 1,5 милиони евра преку донации, финансиски и материјални средства, оценувајќи дека станува збор за резултат кој ретко може да се сретне кај останати локални самоуправи во државата.

Новата инвестиција треба дополнително да го развие „Михајлово“ како зимска туристичка и спортска дестинација и да создаде услови за поголем број посетители, подолга скијачка сезона и понатамошен развој на туристичкиот локалитет.

Убавка Јаневска

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.