Проф.д-р Ќимова: Што е сексуална интелигенција и зошто е значајна?
Во денешното динамично општество, често зборуваме за интелигенција во различни контексти –емоционална, социјална, когнитивна, вештачка. Сепак, ретко се осврнуваме на една подеднакво значајна, но често занемарена и сеуште табу тема сексуалната интелигенција. Таа се однесува на нашата способност да градиме здрава и исполнета интимност, а нејзината важност лежи во тоа што директно влијае на нашите односи, самодовербата и целокупната благосостојба.На пример, млад човек кој се чувствува под притисок од врсниците да биде сексуално активен, ако тој одлучи да каже „не“, бидејќи не се чувствува подготвен, тоа е јасен знак на сексуална интелигенција – зрелост, самосвест и поставување лични граници.
Сексуалната интелигенција ги опфаќа нашите способности да ги разбереме, изразиме и управуваме со сопствените сексуални потреби, желби и емоции на начин што е здрав, етички и автентичен. Ова не е само знаење за сексуалноста, туку и длабока емпатија, самосвест и етика кои ни овозможуваат да изградиме поврзаност со другите.
Клучни аспекти на сексуалната интелигенција се Самосвест: Познавање на сопствените потреби, желби и граници. На пример, жена која е во долга врска и чувствува дека нивната интимност опаѓа, ја препознава потребата за разговор со партнерот и отворено изразува како се чувствува;Емоционална зрелост: Разбирање и управување со сопствените чувства во однос на љубовта, интимноста и сексуалноста. На пример, човек кој, по раскинување на врска, одлучува да одвои време за себе за да ги анализира своите емоции пред да влезе во нова врска. Ова е показател на емоционална зрелост; Комуникација: Отворена и искрена дискусија со партнерот за интимни теми, без страв или срам. На пример, пар кој зборува за своите различни сексуални желби и бара компромис го подобрува својот однос и создава поголема интимност; Почит и емпатија: Препознавање на потребите, чувствата и границите на другите. Еден родител кој го учи своето дете за важноста на почитување на туѓите граници демонстрира сексуална интелигенција на еден поширок општествен и етички план; Едукација и знаење: Информираност за сопственото тело, репродуктивното здравје и сексуалните односи. На пример, млада жена која одлучува да истражува како правилно да користи контрацепција за да ги заштити и себе и својот партнер, покажува зрелост и одговорност.
Љубовта, сексот и заљубеноста често се мешаат. Тие се дел од сексуалната интелигенција, но таа ги надминува нивните рамки. Љубов е длабока, трајна емоционална врска што се гради со време. На пример, еден пар кој поминува низ предизвици, но продолжува да работи на својата поврзаност преку отворени разговори, ја демонстрира зрелоста што доаѓа со сексуалната интелигенција. Сексот е физички чин кој може или не мора да биде поврзан со емоции. Заљубеност е интензивна, но често краткотрајна емоција која доколку не е поврзана со продлабочување на емоции, разбирање, почит, може да создаде конфузија. Сексуалната интелигенција ги поврзува овие аспекти, создавајќи хармонија помеѓу физичките и емоционалните димензии на интимноста.
Сексуалната интелигенција не е нешто со кое се раѓаме – таа се развива низ искуствата и учењето, во различни животни фази. Во детството е почетното разбирање на телото, почитта кон границите. На пример, дете кое учи дека „не“ е валиден одговор кога не сака да ја сподели својата играчка, развива основни концепти за почитување граници. Во адолесценцијата се случува истражување на интимноста и развој на способност да се носиме со притисокот од врсниците. Во зрелоста е способност за одржување на здрава и долгорочна врска, која вклучува отворена комуникација и емпатија. Еден брачен пар кој заедно се справува со физички промени, како што се бременост или менопауза или животни проблеми ја покажува длабочината на сексуалната интелигенција. Во подоцнежните години е одржување на интимноста и блискоста, дури и кога физичките аспекти на сексуалноста се менуваат. Замислете повозрасен пар кој продолжува да ја негувa својата емоционална блискост преку прегратки, гестови и разговори.
Денес, во време кога младите добиваат информации за сексуалноста од непроверени извори, како интернетот и медиумите, едукацијата игра клучна улога. Сексуалната интелигенција е повеќе од знаење за сексуален однос – тоа е животна вештина која ни овозможува да го разбереме и негуваме сопствениот интимен свет на здрав и исполнет начин. Преку самосвест, почит, едукација и комуникација, таа не само што ни помага во личните односи, туку и создава основа за емпатично и толерантно општество.
Развивањето на сексуалната интелигенција е клучно за подобрување на нашите врски и животниот квалитет, без разлика на возраста.
Одржувајте чекор со дополнителни информации на страната на Ин асоцијација преку https://www.facebook.com/profile.php?id=61565514793985.
Д-р Ѓорѓина Ќимова
Професор на Меѓународен Славјански Универзитет ,,Свети Николе“,
Свети Николе , Република Северна Македонија