Планот за продажба на парцели на езеро „Младост“ донесе нови поделби во Советот на општина Велес (фото и видео)

Уште не ставена на продажба, расчистена е една од трите градежни парцели кои што се наоѓаат веднаш над патот на брегот на велешко езеро „Младост“. Парцелата се наоѓа на атрактивна локација , поточно веднаш до главниот пат, на левата страна од постоечки хотел и е на површина од 2.788 м2. Парцелата беше зафатена од големиот шумски пожар што се случи точно пред две ипол години и го пеплоса зелениот појас на езерскиот брег. На неа, до скоро, стоеја трупци од изгорените борови дрвја, што преку ноќ се остранија за да се израмни површината.

Глетката ги збуни граѓаните кои на Дума.мк и напишаа за проблемот, во ECR алатката, на тематскиот повик за урбанистички, комунални и сообраќајни проблеми. Сепак дилемата се расчисти кога на 28 декември, минатата година, на дневниот ред на седмата седница на Советот на Општина Велес била ставена и експресно симната продажбата на оваа како и на уште две парцели кои што се наоѓаат во овој, опожарен дел на „Младост“. На нив планирана е изградба на два хотели и еден мотел. Седмата седница беше затворена за јавност, електронска и не беше пренесувана преку Јутуб каналот на општината од каде беше соопштено дека причина биле големиот број на советници со настинка и сомнителни на Ковид 19. Мнозинството во Советот го сочинуваат ВМРО ДПМНЕ со коалиционите партии и ДУИ кои имаат 12 членови, Левица има тројца додека осум се на СДСМ со коалиционите партии.

На седницата, како што дозна Истражувачкиот тим на Дума.мк, точката предложена од градоначалникот Марко Колев, по барање на советничката група на Левица била симната од дневен ред.
Оваа советничка група до Советот на општината веќе поднесе иницијатива за запирање на продажбата на овие три парцели како и на останати 35 коишто се наоѓаат во близина на езерото, поточно во атарот на село Новачани а неколку и во Велес. Левица е категорична во барањето граѓаните на референдум да се изјаснат дали да се продадат или не градежни плацеви на „Младост“ и во негова близина. Парцелите што се ставени на продажба се впишани во Детален урбанистички план за езеро „Младост“ донесен во 2007 година. Координаторот на советничката група на Левица, Димитар Абрашев смета дека ДУП-от за езеро „Младост“ треба да се промени и строго да се забрани урбанизирање и уништување на животната средина. Наместо да се претворат во градилишта, овие парцелите треба да се зазеленат и пошумат, смета Абрашев.

„Ние како советници на Левица ќе направиме се што е во наша надлежност да ја стопираме продажбата. Пред само три месеци, во предизборниот период, сите политички партии во Велес, што учествуваа на локалните избори, во своите програми имаа разубавување на делови на езеро Младост. Ние предвидовме да се направи марина за чамци за привлекување на што поголем број на туристи. Но не и негова урбанизација“, додаде Абрашев.
Со сличен став се и членовите на советничката група на СДСМ со коалиционите партнери. Координаторот Марјанчо Николов смета дека на земјиштето на кое пред само две ипол години, пред пожарот, имаше шума, не треба да се градат нови комерцијални објекти и дека потребна е јавна дебата пред предложениот референдум на неговите колеги од Левица како и понуден проект со конкретни решенија за изгледот на целината на езерскиот брег од страна на локалната власт. Советничката група на СДСМ ја нуди на граѓаните нивната визија за изгледот на езеро „Младост“ со повеќе зеленило а помалку бетон.

„Се ќе направиме како советници да нема деградирање, уништивање на шумата и заштита на екологијата. Ќе бараме од градоначалникот јавна презентација пред сите заинтересирани страни. Конкретно ќе им соопштиме на граѓаните, на медиумите, кој е планот и како ќе се заштити постојната животна средина. Езеро „Младост“ е потенцијал за развој на туризам, на транзитен туризам за Велес. Ние мислиме дека е потребана Студија од експерти во која ќе биде вметнато се што е можно за да се понуди економски, туристички развој но не на штета на уништување на природата, на животната средина. Конкретно езерото да има што повеќе зеленило и шума а што помалку бетон, додаде Николов.

Плацевите чија продажба е спорна, како за Левица така и за опозициската СДСМ, се дел од годишната Програма за работа во областа на располагање со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на Општина Велес за 2022 година.

Документот се подготви според Детален урбанистички план донесен од Совет на општина Велес во 2007 година. Овој ДУП, сосема близу до езерскиот брег, содржи вкупно 12 парцели од кои девет веќе се продадени и за нив досега не се кренала тензија, смета координаторката на советничката група на ВМРО ДПМНЕ со коалиционите партнери, Елизабета Митревска Анѓелеска. Ако истата програма е веќе реализирана во 80 % тогаш таа смета дека е нелогично да не се продадат и овие три парцели.

„Прашањево требало да биде поставено пред 15 години, во периодот кога се усвоил и кога влегол во годишна програма ДУП за езеро Младост поточно кога ги поминал сите филтри низ општината. Сега е доцна да дискутираме за нешто што веќе е направено, а е погрешно. Сите ние сакаме да има поголем зелен појас околу езерото и во градот, но кога веќе се останати уште три парцели мислам дека е подобро да се продадат отколку да останат така и да пропаднат поточно да не се одржуваат“, додаде Митревска Анѓелеска.
Трите парцели во близина на езерото се со вкупна површина од 20.064 м2 и со почетна цена од 283 денари за м2. Сите се веднаш над главниот пат на езерскиот брег. Освен веќе расчистената, која е со површина од 2.778 м2, втора е на 6.617 м2 и третата на 10.659 м2. Двеве последни точно се наоѓаат на карпестиот дел од десната страна на веќе постоечки хотел, пред самиот мост и браната на езерото. Поточно две се наменети за изградба на хотели и една за мотел или за домување.

Малкумина граѓани на Велес дознале дека советниците треба да расправаат и изгласаат продажба на јавно наддавање на вкупно 38 парцели од кои три за изградба на хотели и мотел на езерскиот брег. Има и велешани коишто сепак дознале. Вториве се со поделени ставови. поточно дел се за продажба, а другите пак се категорично против.
„Јас мислам дека треба да се продава за да се отворат повеќе работни места, младината да ни се вработи и да не чекаат пари од нас пензионерите“, рече велешанец.
„Општината прво треба да мисли како да ја врати шумата на езерото. Наместо да се дигне народов и да сади дрвца, они мислат како да се продава државна земја. Шума ни треба како што беше старата, садена пред 50 години, под чии борови седевме кога чекавме 2 Мај, денот на работникот и на трудот“, рече велешанец.
„Не знам што да ви кажам, ама таму глетката е тажна бидејќи сум раснела под дрвцата а за жал нив ги пеплоса оган. Мислам дека општинарите треба да ги повикаат граѓаните на Велес на што поголем број на акции за пошумување. Мене ми треба место за прошетки, за излети, поточно природа а не хотели и мотели. Нели се доста постоечите а сега се изгради и еден комплекс во кој мислам дека има ресторан и сместувачки капацитет“, рече велешанка.
„Ја знам како изгледаше порано езерскиот брег бидејќи имав поставено камп приколка се додека не не натераа да ја отстраниме. Ја извадив. Тој што не доживеал утро со поглед кон езерото, сега прави што сака. Што можам јас да сторам, да спречам. Ако одлучиле да се продава нека продаваат ама на совест ќе ги носат младите на кои ќе им го скратат уживањето при престојот во природа“, рече велешанец.

Но што ќе одлучи Советот на Општина Велес и дали ќе стави на продажба парцели на опожарената површина будно следат граѓанските организации. Меѓу поборниците за здрава животна средина се и екологистите од ЕД „Вила Зора“ кои категорично се против урбанизирање на опожарените парцели. И тие сметаат дека на езерскиот брег има доволно угостителски и сместувачки капацитети за домашни и странски туристи. За нив најважно е граѓаните да уживаат во природните убавини на крајбрежјето, богато со шума а не со бетон.

„Со донесување на одлуката за изградба на нови хотели се враќаме на почеток кога се сечеа дрвја за да се градат објекти. Сè ова не наведува на помисла дека пожарот е подметнат за да се опустошат делови и на нив да може повторно да се гради. Во исто време апелираме до надлежните институции да го слушаат гласот на граѓаните. Морам да соопштам дека нашиот став е непроменет и гласи: Доделување на парцели за озеленување и пошумување на езерскиот брег а не за градежни објекти“, рече потпретседателката на велешките екологисти и претседателка на Движење на екологисти на Македонија, Сашка Коцевска.
Дума.мк побара став и од градоначалникот Марко Колев. Го прашавме дали се потребни новите продажби на државна земја за изградба на хотели и мотели на опожарениот дел на брегот на „Младост“. До објавувањето на истражувачката приказна не стигнаа одговори на новинарските прашања.
Точката за продажба на парцелите е повторно вратена на дневен ред на осмата седница на Советот на Општина Велес што се одржува денеска, понеделник, 31 јануари 2022 година, онлајн, без присуство на јавноста.

Инаку досега на езерскиот брег во повеќе наврати се продаваа градежни парцели. Во 2007, во 2008, во 2013 и во 2016 година. Прво се продаваа градежни парцели позади тогашните единствени хотел и мотел за потоа градежната експанзија да продолжи кон населеното место Новачани за да заврши до самиот езерски брег, од влезот, од страната на Велес. Но немаше интерес кога метар квадратен се продаваше по почетна цена од 1.000 до 3.000 денари туку кога цената се симна на 283 денари.
Истражувачки тим на Дума.мк
Убавка Јаневска
