Контраспин: Јакимовски спинува кога вели дека војната меѓу Русија и Украина е поради украинскиот претседател „комичар“

Објавено на 13 мај, 2022 во 19:04

Причините за војната меѓу Русија и Украина, која започна со инвазија и широк воен напад на руската армија врз територијата на целата земја се повеќеслојни и сложени, а изјавите на Стевче Јакимовски, лидер на парламентарна партија дека тоа се должи на Украина на нивниот претседател „комичар“ се класично извртување на вистината и спинови. Ниту Зеленски е „комичар“, напротив, тој е дипл. економист, ниту Украина била пасивна и не се обидела да ја спречи војната

Пишува: Теофил Блажевски

Градоначалникот на Општина Карпош и лидер на парламентарна политичка партија ГРОМ, Стевче Јакимовски, зборувајќи на национално достапната телевиизија ТВ 24, изнесе ставови за инвазијата на Русија врз Украина во кои се препознаваат спинови:

Спин: …Обидите да се дојде до руски граници и да се заокружи Русија е опасен потег… Оваа работа е премногу сериозна, ова може да има верижна реакција… Не случајно е дојден носачот на авиони на Балкан, има нова војска на Бондстил…Во Украина осум години, како во Хрватска пред војната се отпуштаат од работа Руси, 15.000 и Украинци и Руси се загинати пред инвазијата. Кога ќе си изберете претседател комичар, едно сабајле ќе си доручкувате гранати. Наместо да седнат да преговараат, да најдат решение, да најдат начин да ја смират ситуацијата, тие ѕвечкаат со оружје… Ако се вклучи НАТО, гарантирам дека ќе биде невидена светска војна, дека ќе има употреба на нуклеарно оружје….

[Извор: ТВ 24 – Студио 10/разговор со С. Јакимовски– датум: 24.02.2022]

Контраспин: Стевче Јакимовски искажа класичен спин во неговата мини-анализа за војната во Украина, која започна со руска инвазија на оваа земја на 24.02.2022 година, со координирана и прецизно планирана воена интервенција од широки размери. Запрашан на ТВ гостувањето за состојбите во Украина и за војната, Јакимовски изјави дека тој одамна предупредувал оти „не треба да си игра со Русија“, но дека инвазијата е последица на однесувањето на Украина и дека главно тоа е така, меѓу другото, бидејќи е „избран претседател комичар“, што е основата на ова малку пошироко извртување на вистината, т.е. спин.

Најпрво за „комичарот“. Јакимовски ја извртува вистината, нарекувајќи го Претседателот на Украина Володимир Зеленски за комичар. Украинскиот претседател беше избран на легални избори во Украина одржани во 2019 година, на кои што, во вториот круг го победи тогашниот претседател и противкандидат Петро Порошенко, кој беше на претседателската функција од 2014 до 2019 година. Зеленски го победи Порошенко во вториот круг од изборите со 73,2 отсто од гласовите на милионите Украинци што излегле на изборите во 2019 година.

Но, она што е најважно, Зеленски може да се нарече сè, освен „комичар“. Тој навистина се занимавал со глума, но истовремено бил, писател сценарист и продуцент на Студио Квартал 95, кое е формирано во 2003 година, со корени од 1997-1998 година и во чија сопственост има удел и самиот Зеленски. Патем, станува збор за сериозна приватна компанија која котира на украинската берза. Така што, Зеленски не може да се нарече „комичар“, бидејќи тој е многу повеќе од шоумен, кој се занимавал само со стенд ап комедии.

Ова дотолку повеќе што украинскиот претседател претходно има завршено високо образование/факултет по економски науки на државниот Универзите во Киев и тоа може да се види од повеќе извори, вклучувајќи ја и неговата официјална веб страница.

Оттука, изјавата на Јакимовски дека „кога ќе си изберете претседател комичар, едно сабајле ќе си доручкувате гранати и дека  „наместо да најдат начин да ја смират ситуацијата, тие ѕвечкаат со оружје“ е класичен спин, т.е. извртување на вистината.

Исто така е спин дека Украина (и НАТО) е главниот причинител на руската инвазија и воена интервенција во Украина. Прво, проблемот е повеќеслоен, а во својата актуелна форма започнува со настаните од Мајдан и со руската анексија на полуостровот Крим од 2014 година, продолжува со дoговорите Минск 1 и 2 за смирување на тензијата и внатрешните судири во Украина во две области што признаа автономија Доњецк и Луганск, а продолжи со трупањето силни воени едници на Русија на границите со Украина, вклучувајќи ги и оние со Белорусја под изговор воени вежби, завчерашното дипломатско признавање на Доњецк и Луганск од страна на Руската Федерација, влезот на руски „мировници“ истата ноќ на тие територии и конечно, севкупниот воен напад од широки размери врз цела Украина, утрото на 24.02.2022 година.

Украинскиот претседател Волoдимир Зеленски и пред една недела изрази подготвеност да отпатува во Москва и да разговора со рускиот претседател Владимир Путин, а, исто така, изјави дека и вечерта и ноќта на 23 спрема 24 февруари сакал да оствари телефонски контакт со Путин, но од другата страна имало „молк“. И откако најновата криза ескалираше, поточно откако меѓународните медиуми почнаа нашироко да известуваат за натрупувањето на руски трупи на украинските граници, и Зеленски, и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, истакнуваа дека во повеќе наврати се обидувале да остварат средби или барем телефонски разговори со своите руски колеги, но нивните напори биле неуспешни.

Оттука, изјавата на Јакимовски, претседател на парламентарна партија ГРОМ и градоначалник на Општина Карпош, која се однесува на војната во Украина во делот на Зеленски и главната причина за војната, се цинично и аргументационо недозволиво упростување и извртување на нештата за кои се говори, т.е тие изјави се спинови.

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.