Велес располагаше со соодветен Дом за грижа на возрасни лица но сега тие нема каде да се сместат (ФОТО и АУДИО)
Секоја вечер спасот од летните горештини пензионери што живеат во центарот на Велес го бараат покрај фонтаната на плоштад „С`рмаале“. Дел од нив се и Стојан Бајрактаров, Јордан Ацков и Јован Ѓорѓиев. Тие под крошните на сто летните јавори и покрај водата во фонтаната меѓусебно се дружат и разговараат. Седумдесет и четири годишниот Бајрактаров и седум години помладиот Ѓоргиев живеат сами, откако нивните сопруги починаа. Ацков живее со сопругата и нему во моментов не му е приоритетно потребна помош како на неговите пријатели и на голем дел од останатите повозрасни граѓани, дел пензионери во Велес.
-Како маж тешко ми е да зготвам храна и да ги завршам обврските во домот како што се одржување на хигиена потоа перење и пеглање. Засега мојата внука го прави тоа но не сакам да и бидам товар. Се движам со помош на бастум откако паднав и го скршив колкот. Ги измачив децата додека закрепнав од повредите. Кога би имал градот Дом за згрижување на возрасни лица секако нам на пензионерите би ни било полесно, рече Бајрактаров.
-Сега, на 67 години, сеуште можам да се грижам за себе, за моите потреби и за домот. Но доаѓа старост и размислувам што ќе биде со мене по десеттина години. Имам пријатели кои се повозрасни и живеат сами. Ним им треба згрижување во Дом. Добро би било Велес да го има но и да биде со пониска цена од приватните домови, на пример во Скопје, каде се плаќа по 500 евра. Оваа цена за пензионери од Велес е превисока, додаде Ѓоргиев.
Со него се сложи неговиот пријател, осумдесет и три годишниот Јордан Ацков. И тој и сопругата се пензионери кои месечно добиваат пензија што изнесува по 200 евра.
-И да донесеме одлука да живееме во ваква установа, ни јас ниту сопругата, не можеме да ја платиме цената од по 500 евра. Пред три децении во нашиот град имаше Дом за згрижување на возрасни граѓани којшто одлично функционираше. Цената беше прифатлива и капацитетот беше полн. Но установата работеше во друг општествен систем, поразличен од денешниот, а тогашната држава издвојуваше многу повеќе пари за ваков вид на установи, додаде Ацков.
Велес има добра практика на град со Дом и згрижени возрасни и изнемоштени лица
Пред триесет и шест години Велес во услови на град со далеку помладо население отвори Дом за згрижување на возрасни граѓани на атрактивна локација, покрај река Вардар, со дворно место прилагодено на потребите на оваа категорија граѓани. Институцијата функционираше како дел од хотел со 60 соби и со 160 легла, на вкупна површина од 3000 м2. Опстојуваше се додека згрижените возрасни граѓани добиваа хотелски услуги и со фирмата „Вила Зора“ стопанисуваа неколку велешки фабрики. Кога последната фабриките стави клуч на влезна капија и домот се затвори.
Сега, кога населението во Велес ,од година во година, старее и Домот е дел од стара зграда. Внатрешноста на објектот е руинирана и прокиснува кровот. Општина Велес, во два наврати се обиде, да го продаде објектот. Но не успеа. Ни во првиот обид со цена од 1милион 135 илјади 442 евра ниту во вториот, за 10 отсто помала цена.
Градоначалникот Аце Коцевски ја знае потребата на возрасните сограѓани кои ја имаат неговата поддршка. Но, општината не е ни финансиски моќна ниту законски овластена да стопанисува со ваков вид на објекти. Коцевски затоа бара помош од Министерството за труд и социјална политика кое преку блок дотации помага вакви установи во неколку македонски градови.
– Според моите сознанија огромна е потребата и веднаш би можело да се згрижат околу 140 можеби и 150 возрасни велешани, бидејќи токлку има на листите на чекање за сместување во домовите во соседните општини. Единствена надеж гледам во помош преку инвестиција од страна на државата, поточно од Министерството за труд и социјална политика. На една од последните средби што ја имав со министерката Јагода Шахпаска, разговаравме за оваа потреба. Тогаш министерката ми сугерираше, ми препорача и ме советуваше ,Општина Велес да изготви проект за реконструкција и адаптација на објектот на поранешниот Дом за згрижување на возрасни лица. Сепак мора да се чека да биде донесен новиот буџет, за 2022 година, на министерството во кој, попрецизно во делот на капитални инвестиции, ќе биде испланирана потребната сума на средства. Потоа да се чека, Општина Велес, да дојдеме на ред, за да и бидат одобрени потребните средства за неизбежната реконструкција на објектот. Нашиот став е да ја започенеме постапка за изготвување на техничка документација, да ја доставиме до министерството и да се надеваме дека во следниот период ќе биде земена во предвид како приоритетна потребата од вака значаен објект како за Велес така и за соседните општини, додаде Градоначалникот Коцевски.
Идентичен став добивме и од надлежната државна институција. Во одговорот на новинарските прашања на Дума.мк ,Министерството за труд и социјална политика, одговара дека континуирано соработува со општините со цел за проширување на мрежата на даватели на социјални услуги за згрижување на стари лица преку основање на општински установи за вон-семејна заштита.
„Во оваа насока ќе продолжи меѓусебната комуникација и координација со Општина Велес за создавање на услови и спроведување на постапка за основање на Дом за стари лица од страна на општината. До овој момент Општина Велес нема поднесено апликација до Министерството за труд и социјална политика со која ќе бара изградба на старски дом, согласно објавената Програма за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2021 година,“ пишува во ставот на министерството.
Со домот, повозрасните граѓаните на Велес и на околните општини, би решавале суштинска животна потреба
Напорите на градот, на општината, секако зависат од одлуката на министерството повторно да го стави во употреба Домот за згрижување на возрасни граѓани во Велес. А таа одлука е од особена важност како за Бајрактаров, Ѓоргиев и Ацков така и за потенцијалните 150 возрасни велешани коишто чекаат ред за сместување во вакви објекти, во останатите општини низ државата. Ако домот би го имале во својот град тогаш би решиле сериозна животна потреба освен за грижа, за нега исто така и за социјализација. И не само тие туку и генерациите на велешани што од година во година се постари а нивните деца се исселија во странство.
Тим на Дума.мк
Истражувачката приказна е изработена во месец јули 2021 година како дел од проектот „Обука за млади новинари во Западен Балкан“ на БИРН