Велес се вклучи во одбележувањето на „Денот на планетата Земја“
23.04.2021
Настан по повод одбележувањето на светскиот ден, реализираше градската библиотека во кои учество земаа поголем број на ученици од четврто и петто одделение, од Основното Општинско училиште „Васил Главинов“ од Велес.
Целта на настанот бил да го зајакне мислењето на младите велешани за однесувањето кон животната средина, што само со грижа, посветеност и практики на чиста и здрава околина може да и се помогне на планетата Земја. Иако учествуваа само ученици, сите пораки генерално се однесуваат на сите жители на градот Велес, во државата и пошироко во светот.
-Целта ни е да ги мобилизираме граѓаните да создаваат одржливост, здрава природна средина за озеленување на градовите, да се инвестира во ефикасни и обновливи извори на енергија и да се забават климатските промени предизвикани од човекот. Нашата библиотека организираше изложба на книги и цртежи. Децата уште од најмала возраст треба да научат дека природата треба да се сака и негува, затоа активностите се состоеја од цртање, едукативни видеа за загадување на воздухот, водата и штедењето на електрична енергија, рече директорката на велешката библиотека, Гордана Васковска.
Овој празник се одбележува секоја година на 22 април. За првпат е прогласен во 1970 година, кога Обединетите нации го прогласиле за ден посветен на борбата против загадувањето на животната средина и креативна промена на еколошката свест. Во екот на пандемијата предизвикана од ковид-19, сите заедно треба да изградиме систем во кој главен приоритет ќе бидат здравјето на луѓето но и штедењето на водните ресурси и почвата бидејќи тие се скапоцен и незаменлив дел од животот на планетата Земја.
Стефани Манева
