Доделени наградите на 19. Меѓународен салон на стрип „Велес 2022“
Од вкупно пристигнати 195 стрипа од 11 земји вчеравечер во Ликовен салон во Велес беа прогласени победниците. Жири комисија составена од Д-р Бошко Караџов – професор по филозофија и самостоен научен истражувач во областа на графичката литература, Лазе Ангелков – академски сликар, илустратор и стрип артист и Ване Трајков – извршен директор на Стрип центар на Македонија, сценарист, инструктор за теорија за стрип одлучуваа за наградите.
Првата наградата „Златен стрип“ ја освои стрипот „На горе“ сценарио на Марко Стојановиќ од Србија и цртеж Иван Коритарев од Бугарија. Втората награда наречена „Сребрен стрип“ ја освои стрипот „Један сасвим обичан понедељак“ од Новица Миливојевиќ од Србија и третата наградан „Брозен стрип“ ја освои стрипот „Болен Дојчин“ на Илко Стојановски од Македонија.
– За најдобро сценарио награден е Исмет Ердиќ од Босна и Херцеговина, за стрипот “Слава-смрт-губитак”, потоа за уметнички израз прогласен стрипот “SIDES сценарио Марко Стојановиќ, Србија и цртеж Тудор Попа. Специјална награда доби Емануел Павел од Романија за стрипот “The father of all spells”. Награда до 18 години доби Зорана Ѓорѓевиќ од Србија за стрипот “Транге, франге, манге”. Награда до 15 години доби Никола Станков од Македонија за стрипот “Лакс” и Постхумно признание за Томислав Груевски од Македонија за стрипот “Битолскиот партизански одред”.Специјално признание беше доделено на Николае Пепене, специјален гостин на овогодинешната колонија, директор на Историскиот музеј во Брашов за афирмација на стрипот на Балканот, а самиот музеј доби Благодарница за соработка и промоција на стрип културата, соопштија од Стрип центар на Македонија.
Изложбата ќе биде достапна за сите граѓани до 30 септември, во Ликовен салон во Велес секој работен ден од 08:00-16:00 часот.
Оваа манифестација е единствената од ваков вид во Македонија годинава и го одбележува своето 19-то издание во организација на Стрип центарот на Македонија, под покровителство на Општина Велес.
Инаку, вчеравечер, истовремено започна со работа и четвртата Стрип колонија “Велес 2022” со учесници од Македонија, Романија, Србија и Албанија кои до недела ќе престојуваат во Спомен куќата на Касапови во Велес и ќе создаваат нови стрипови усовршувајќи ги своите техники.
Ментор на овогодинешната колонија е Марко Стојановиќ, стрип сценарист од Лесковац, Србија, наставник во тамошното Училиште за стрип “Никола Митровиќ Кокан”.Како што соопштија од Стрип центар на Македонија, Марко е познат по својот серијал Вековници, а пишува и за стрип сцената во Америка, Франција, Кина итн.