„Естетика на стрипот“, нова книга на велешанецот д-р Бошко Караџов
Деновиве, излезе од печат најновата книга на д-р Бошко Караџов со наслов „Естетика на стрипот“. Книгата е збирка на огледи од областа на филозофијата и стрип уметноста. Истата е поделена во три целини.
Во првиот дел со наслов „Онтологија на деветтата уметност“ се говори за одделната естетичка природа на графичкиот роман и за обрасците на создавањето дигитални с-ликовни раскази во рамките на концептот за бесконечното платно.
Во вториот дел со наслов „Историја на стрипот“ претставена е повеста на с-ликовното приповедање од праисториските почетоци во пештерското сликарство, па преку средновековните графички раскази, сѐ до воспоставувањето на модерниот стрип формат во XIX век.
Во завршното поглавје, со наслов „Идеологија и стрип кулура“ се говори за анти стрипската книга „Seduction of the Innocent“, за појавата на “underground“ стрип сцената, како и за македонските стрипови од едицијата „Никогаш роб“.
Бошко Караџов е филозоф, теоретичар на културата, професор и научен истражувач во полето на графичката литература и интермедијалните уметности. Автор е на книгите: „ПАРАДОКСИТЕ НА ИНДУКТИВНАТА ЛОГИКА“ издадена во 2020 година, „COMPENDIUM PHILOSOPHIAE“ издадена во 2021 година и „ЛОГИЧКА АНАЛИЗА НА НАУЧНОТО ПОЗНАНИЕ“ издадена во 2021 година. „ЕСТЕТИКА НА СТРИПОТ“, издадена годинава со поддршка на Министерството за култура во издание на издавачката куќа „Стрип-квадрат“, е негова четврта книга. Книгата наскоро ќе биде достапна во книжарниците во Скопје и Велес.
Дума.мк