(фото и видео) „Стари детски игри“ оживеани во нова сликовница на средношколците од СОУ „Јовче Тесличков“

Во топла и свечена атмосфера, денес беше промовирана сликовницата „Стари детски игри“, дело на ученичката компанија „Playful Pages“ од средното економско училиште „Јовче Тесличков“ од Велес. Учениците Ива Петровска, Ангела Анастасова, Симона Крстевска, Искра Ризовска и Максим Чукниев изработија две сликовници поточно стандардна за деца со типичен развој и втората инклузивна за деца со атипичен развој поточно коишто имаат дисклексија или потешкотии со читањето. Дизјанот на сликовницата и илустрациите во неа се целосна изработка на учениците а издавач на ова дело е нивното училиште.

Оваа сликовница е водич низ игрите со кои пораснале генерации и на секоа страна, преку QR-код, можеш да најдеш видео и аудио материјали преку кои ќе можеш полесно да ги запознаеш и одиграш игрите.
Во своето обраќање, учениците им се заблагодарија на сите присутни за поддршката и истакнаа дека оваа сликовница е резултат на посветен труд, тимска работа и желба за зачувување на културното наследство преку современ пристап.
Публиката имаше можност да ја слушне и професорката Жаклина Зафирчева, рецензентка на сликовницата, која од самиот почеток ја поддржала идејата со своето стручно знаење и искуство, но и со искрена педагошка љубов.
Менторката Радмила Андовски пред присутната публика сподели дека заедно со учениците направиле истражување кај ученици од четврто одделение кои не знаеле како се играат но дел не знаеле и дека постојат стари детски игри. Заедно со нивна помош, со игра и смеа се создало ова дело коешто денеска беше промовирано пред велешани а веќе утре ќе биде и презентирано на државен натрпевар во Скопје.

Младите ученици пресреќни за својата изработена сликовница на сите присутни дечиња од четврто а и б одделение од ОСУ „Панко Брашнаров“ кои биле целосно вклучени во проектот им ја доделија сликовницата во дигитална форма во знак на благодарност, додека за возраст основците преку песна им се заблагодарија на средношколците за трудот и тоа што им овозожиле да ги играат овие стари детски игри.


Во медијатеката на велешката библиотека беа присутни директори, наставници, ученици, родители и бројни гости кои со аплауз ја поддржаа иницијативата.
Стефани Манева
