Изложба со портрети на Гоце Делчев, во домот на Ангел Петров!
Фондацијата Ангел Петров, денеска, во родната куќа на академскиот сликар Петров изложи дел од творештво посветено на македонскиот револуционер Гоце Делчев.
Постановката од 15 портрети на Делчев е изложена по повод 110 годишнината од загинувањето на македонскиот револуционер. Изложбата е составена од слики и цртежи кои сликарот ги сочувал бидејќи околу 35 негови дела се продадени како во Македонија така и во странство.
„На ликот на Делчев се навраќав повеќе пати во мојот живот. Тоа не е едноставен лик, има карактеристични очи и поглед. Тие многу зборуваат. Во нив има стремеж, визија, цел зрачат со некаква голема желба што јас ја толкувам како желба за национална слобода на македонскиот народ,“ рече Петров.
Портретите се нацртани со молив и туш а сликите изработени во техниките масло, акварел и пастел.
Академскиот сликар Петров твори и на 79 годишна возраст. Деновиве ги започна подготовките за тематските изложби на кои ќе бидат поставени портрети, актови и пејсажи кои ги насликал во изминатите 55 години. Ќе ги организира фондацијата Ангел Петров во чест на јубилејот на уметникот прво во Велес потоа низ Македонија како и во неколку градови во Хрватска и Србија./Б.Н