Спомен куќите во Горно Врановци без посетители
Во велешко најмалку посетени се спомен куќите во Горно Врановци. Таму многу одамна не дошле организирани групи на ученици и пензионери, велат од Народниот музеј во Велес. Во книгата на постетители избледени се потписите и впечатоците на последните туристи кои наминале таму. Според Марин Клифов најверојатно причина за слабата посетеност е оддалеченоста на овој спомен комплекс од градот.
„Во минатото овие спомен куќи многу често беа посетувани. Автобуси полни со ученици или пензионери редовно доаѓаа како дел од ученички екскурзии. Не само спомен куќите, местото изобилува со природна убавина и чист воздух. Затоа и децата често ги носеа таму. Во последните неколку години состојбата е сосема поинаква. Таму одамна го нема тој детски џагор и ретко некој залутан ги посетува спомен куќите, рече Марин Клифов.
За разлика од монументалните објекти во Горно Врановци, расте бројот на домашни но и странски посетители во спомен куќите во Велес. Организирани групи на ученици од различни краеви на државата редовно ги посетуваат како дел од ученичките ексурзии. Исто така тие се дел и од пензионерските екскурзии во државата.
„Најпосетена од сите е родната куѓа на Кочо Рацин. Веднаш по неа граѓаните најмногу ја посетуваат Спомен костурницата, па куќата на Џинот. Со својот велелепен изглед и староградска архитектура, посетители привлекува и Куќата на Касапови. Морам да кажам дека иако незначително сепак од година во година се зголемувабројот како на домашни така и на странски посетители, рече Марин Клифов.
Цените на билетите за влез во спомен куќите се симболични. Билетот за деца чини 10 денари, за возрасни 20 а за странци 50 денари. Интересни информации поврзани со историското значење на куќите, посетителите добиваат од водичот на Народниот музеј. /Д.С
