Нова премиера на велешки театар во четврток

Објавено на 3 март, 2015 во 11:56

„Приказни од шестиот кат“ е насловот на новата театарска претстава во велешкиот театар. Работена е според расказите на писателот Драги Михајловски кои драматургот и режисерот на претставата Деан Дамјановски ги избира поради нивната специфичност. Според него тие претставуваат невидлива граница помеѓу реалноста и фикцијата.

„Се работи за доста обемна претстава. Оние кои ќе дојдат да ја изгледаат на сцената ќе видат едно големо богатство на ликови, карактери, ситуации од секојдневниот живот, зачинети со визуелно и звучно богати сцени“, рече режисерот Дамјановски.

Во новата театарска претстава вклучен е речиси целиот ансамбл на велешкиот театар. Сценографијата е на Кирил Василев, костимографијата ја изработи Елена Дончева, додека авторската музика е на велешанецот Сашко Костов. Расказите на Михајловски преточени во театарска претстава биле повеќегодишна идеја на велешкиот театар.

„Конечно ја реализираме според расказите кои се многу интересни по својот амбиент, внатрешен сенс, многу наликуваат на расказите на Антон Павловиќ Чехов, и изобилуваат со многу едноставни и секојдневни ситуации“, рече директорот на театар Ј.Х.К. Џинот, Јордан Витанов.

Инаку претсавата „Приказни од шестиот кат“ е третата премиера од минатогодишната програма на велешкиот театар. Ќе се одржи во четврток во 20 часот./Д.С

 

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.