Претставата „Елегија во пет здива“, вечерва, премиерно во велешки театар
Како дел од содржината на 59 –те Рацинови средби, вечерва, во Народен театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ премиерно ќе биде одиграна претставата „Елегија во пет здива“. Овој танц – театар е базиран по мотиви од избрана поезија од Радован Павловски, Петре М. Андреевски, Михаил Ренџов, Ацо Шопов и Никола Маџиров. Претставата е во режија и кореографија на Филип Петковски а играат Васил Зафирчев, Симона Димковска, Наталија Теодосиева и Адријана Данчевска.
-Трансформацијата на поезијата како уметничка форма која го користи јазикот за постигнување естетски квалитети и продлабочување на нејзината семантичка содржина, преточени во танцов перформанс, е главна задача на режисерот и кореографот. Во претставата се прикажани пет слики (пет здива), односно пет перформанси кои имаат за цел да создадат универзално разбирлив сценски јазик, доловен преку мултидисциплинарен пристап на подготовка и изведба преку комбинација на повеќе медиуми на сценско изразување како танц, нарација и физички театар. Актерите/танчерите во претставата ги користат сопствените тела како субјект и како медиум за отелотворување на дадена емоционална состојба. За подготовките на претставата, актерите/танчерите беа изложени на нов процес на работа, односно, работеа по техниката Viewpoints, адаптирана од режисерите Ен Богарт и Тина Ландау, која служи како медиум за освестување на сетилата за гестикулација, движење и креативно изразување во просторот. Начинот на работа и апсолутната посветеност од страна на актерите за време на пробите овозможија за кореографскиот процес да се сведува на импровизација што придонесува кон автентичноста и оригиналноста на перформансите кои одново се креираат и видоизменуваат со секоја наредна изведба. Осврнувајќи се на ваква перформативна кинестетика, актерите/танчерите оформуваат сопствен и индивидуален пристап во движењето и ја будат свесноста на телото за можностите кои ги поседува при создавање на танцов вокабулар. Ставајќи акцент на формата која во себе ги сублимира контрастите и различните дискурси кои изведувачите ги поседуваат, тие меѓусебно се приспособуваат со цел да создадат оригинален сценски израз, вели авторот, режисер и кореограф Филип Петковски.
Костимографијата е на Антонија Гугинска Јорданоска, Маја Ѓуреска и Гордана Божиновска . Дизајн на светло Милчо Александров, музика ДахаБраха, Пјотр Илич Чајковски, Лудвиг ван Бетовен, Борис Харфман, Хрвоје Црниќ, Кристоф Пендереки, Дуке Бојаџиев и Синтезис, камера на Борјан Стојков и фотографија и графички дизајн на Ивана Мојсовска.
Премиерната изведба на „Елегија во пет здива“ ќе биде одиграна на големата сцена во велешкиот театар со почеток во 20:00 часот.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура на С. Македонија.
Стефани Манева