Претставата „Нема струја за електричниот стол“ на велешки театар гостува во Београдско драмско позориште

Објавено на 24 ноември, 2023 во 14:57

Велешкиот театар на крајот од месец ноември, поточно на 29, ќе гостува во Београдско драмско позориште.  Претставата „Нема струја за електричниот стол“ од Александар Секулов, а во режија на Дејан Пројовски, ја имаше својата премиера во април 2023 година на сцената „Петре Прличко“ во „Ј.Х.К Џинот“.Приказната е сместена среде апокалиптична околност во која се поместени двата лика – оној што е осуден на смрт со електричен стол и оној што треба да ја изврши осудата. Дијалогот пласира луцидна, иронична и саркастична приказна, која низ мултинаративен систем генерира уникатно сценско доживување. Овој мултимедијален проект има цел да ги преиспита границите меѓу сценското дејство, филмскиот израз и видео анимацијата преку постојаното претопување на различните медиуми во единството на театарската претстава.

-Претставата беше изведена на МТФ „Војдан Чернодрински“, Прилеп, на Интернационалниот фестивал на монодрамата во Битола – во чест на фестивалските лауреати и на Интернационалниот театарски фестивал „Сцена на крстопат“ во Пловдив, Р. Бугарија. Покрај Секулов и Пројковски, претставата ја потпишуваат: Сашо Димоски – драматург, Сашко Костов – композитор и изведувач на музиката во живо, Филип Коруновски – автор на сценскиот дизајн и постерот за претставата, Борче Конзулов – автор на анимациите и Данчо Стефков – реализација на камери во претставата.

Ова е прво гостување на велешкиот театар во оваа реномирана театарска куќа. Гостувањето е дел од меѓународниот протокол за соработка „Наши денови“, чии потписници се Београдско Драмско Позориште, Српско Народно Позориште Нови Сад, „Ујвидеки Шиназ“, Нови Сад, театар Џинот, Велес.

Стефани Манева

Сподели:

Напиши коментар

Станете член на ДУМА.мк и споделете го вашето мислење преку коментар. Кликнете тука за да се најавите.