Со монодрама „Срам – Погледни се во огледалото” на актерката Стојановска, Организација на жени Свети Николе иновативно ги враќа граѓанките во активностите (видео и фото)
На малата сцена на велешки Театар , вчера вечер, дипломираната актерка Ангелина Стојановска од Куманово ја раскажа на свој начин приказната којашто оптоварува многу жени на денешницата а тоа е срамот од сопствената тежина. Стојановска, во авторски проект поточно монадрама ,,Срам – Погледни се во огледалото” на иновативен начин, пред импровизирана работна маса на кујна и подготвувајќи „Касато торта“, раскажа приказна во која централен лик беше таа, како дете со апетит коешто израснало во девојка со облини на телото и прекумерна тежина се до возрасна млада жена која има повеќе килограми од идеалните пропорции според мислењето на дел од нејзините врснички.
За публиката особено беа интересни монолозите на Стојановска кажани на кумановски дијалект. Оваа актерката која ни по девет години од дипломирањето не е вработена, отворено зборуваше за предностите на својот изглед но и за сите сопствени срамови на оваа и на слични женски теми.
Успешната интеракција со публиката, во која имаше само еден маж поточно колега на Стојановска, на крајот од монодрамата, резултираше со заклучоци што дамите во публика и ги соопштија откако ја пробаа и пофалија за подготвената „Касато торта“.
По Ковид пандемијата, која на настаните како што се обуки, јавни расправи или дебати го намали бројот на присутни граѓани, ова е еден поинаков пристап или добра праткика за повторно поврзување на граѓанските организации и граѓаните. Проектната координаторка Јасмина Трајчевска на Организација на жени на Свети Николе смета дека донаторот на проектот, „Квина тил Квина“ ги разбрал потребите на жените и овозможил реализација на активност која освен во нивниот град го привлече интересот на граѓанки од уште пет други македонски градови.
Монодрамата „Срам – Погледни се во огледало“ ќе биде прикажана во уште најмалку шест градови во Македонија. Всушност ќе можат да ја видат таму каде што Организациите на жени ќе посакаат да се прикаже како што тоа го стори Организација на жени на Велес.
Убавка Јаневска