Велешани повторно имаат кино, еве кои филмови ќе се прикажуваат неделава
За неколку дена по отворањето на киното од страна на „Киноверзум“ во Велес и проекцијата на „Аватар: Патот на водата и Вавилон“ филмот, на големо платно, веќе го гледаа 1.200 граѓани. Од нив 200 беа присутни на премиерата додека останатите присуствуваа на следните проекции на веќе поставениот репертоар. Филмот е ново филмско остварување, од минатата година, во кое главните улоги ги толкуваат актерите Бред Пит и Марго Роби а режисер е светски познатиот Џејмс Камерон.
Киноприкажувачот „Киноверзум“ е презадоволен од првичната посетеност иако според нивните анализи месец јануари, во филмската индустрија, препознатлив е како месец кој има неверојатно лоши резултати во однос на посетеноста. Според м-р Михаела Ѓорчева, основач на „Киноверзум“, првичните бројки на посетеност се над очекуваниот просек и покрај фактот за проекции во само една сала во Велес.
Ѓорчева ја прашавме според досегашните искуства, на „Киноверзум“, за кои филмови македонската публика покажува најголем интерес.
-Најголем интерес во моментов има за „Аватар: Патот на водата“. Всушност, „Аватар “ и на светско ниво направи фантастични резултати, сруши повеќе рекорди и заработи над 2 милијарди долари. „Аватар: Патот на водата“ е филм со најголема заработувачка во 2022 година, филм со најголема заработувачка после COVID-19 и шести филм со најголема заработувачка на сите времиња. Вообичаено, и во нашите кина се отсликуваат светските трендови во однос на посетеноста. Следен филм со голема посетеност е „М3ган“, хорор приказна за кукла со вештачка интелигенција која е програмирана да биде најдобар придружник на детето и најголем сојузник на родителите. Од детските филмови најголем интерес досега публиката покажа за „Неверојатниот Морис“, рече Ѓорчева.
Од четврток „Киноверзум“ во киното во Велес ќе прикажува два нови филмови. Првиот е „Опасен лет“ со актерот Џерард Батлер. Филмското остварување ја раскажува приказната за еден пилот кој ги спасува патниците од удар на гром со тоа што ќе направи ризично слетување на остров разурнат од војна. Исто така,неделава, велешани ќе можат да го гледаат и актерот Брендан Фрејзер во филмот „Кит“, филм којшто ги собра овациите на сите фестивали на кои досега е прикажуван. Поточно „Кит“ е драма за повлечен наставник со прекумерна тежина кој се обидува повторно да се поврзе со својата отуѓена ќерка тинејџерка.
За најмлада публика, за првпат во Велес, ќе се прикажува најновото продолжение на „Мачорот во чизми“, по кој ќе следуваат прикажувања на „Неверојатниот Морис“ и анимираниот филм „Авантурите на Финик“, со синхронизација на македонски јазик.
Редовната цена на кино влезниците изнесува 200 денари. „Киноверзум“ нуди попусти за членовите на „Киноверзум Клуб“, за групи над 20 лица и за студентите на Меѓународен Славјански Универзитет.
Убавка Јаневска