Велешката библиотека брои 2.643 членови во текот на 2023 година и нуди околу 120.000 публикации во сите Оддели
Велешани сакаат да читаат книги, да се едуцираат и своето слободно време да го поминуваат разгледувајќи разни публикации на полиците во велешката градска библиотека „Гоце Делчев“. Вкупно 2.643 граѓани ги користат услугите на библиотеката од кои 1.318 се возрасни, 1.220 се деца и 105 се членови на Организациската единица во Градско.
Директорката на институцијата, Снежана Бошевска, изминатата 2023 година ја категоризира како многу успешна бидејќи во библиотеката реализирани биле голем број на работилници, настани и промоции како за возрасни така и за деца.
– Во текот на 2023 година, реализирани се многу активности, проекти и работилници со деца, распишани беа повеќе литературни конкурси и одбележани позначајни датуми сѐ со цел поттикнување на љубовта кон читањето уште од најрана возраст. Овде посебно ќе го издвојам заедничкиот проект со ОЈУДГ „Димче Мирчев“ наречен „Приказна за добар сон“ каде што библиотекари беа во посета на највозрасната група со деца во сите објекти на градинката, каде што децата се запознаа со дел од литературата за деца на Библиотеката, и им се прочита омилената приказна за добар сон, додаде Бошевска.
За афирмација на новоиздадените дела на авторите, велешката библиотека реализирала вкупно 23 промоции на книги, но Бошевска исто така одвојува и други значајни настани.
-Библиотеката им дава посебно внимание и поддршка на роднокрајните автори и младите македонски автори. Тука сакам да напоменам дека бесплатно членство добија доброволно пријавени деца коишто сакаа нивната годишна членарина да биде подмирена преку донација од страна на сограѓаните Игор и Оливера Здравковски. Во таа акција бесплатно членство добија вкупно 76 деца со претходно потпишана согласност од родител/старател. Потпишан е Меморандумот за соработка помеѓу Државниот архив – Одделение Велес и Библиотеката. Воедно, беше отворено Историско катче во Медијатеката. Во него се изложени книги во издание на Државниот архив, кои отсега се достапни за нашите членови. Библиотеката, традиционално како секоја година, го реализираше 22. Општински натпревар „Млади библиотекари“ во соработка со Библиотекарското Здружение на Македонија, со цел доближување на библиотекарството до учениците. Победникот учествуваше на Државниот натпревар во Кочани, додаде Бошевска.
Градската библиотека „Гоце Делчев“ располага со околу 120.000 публикации во сите Одделени со што се категоризира како една од побогатите библиотеки со книжен фонд. Најчитана книга од Одделот за возрасни за 2023 година била „Италијанската девојка“ од Лусинда Рајли, додека во Одделот за деца „Белото цигаче“ од Видое Подгорец.
-Во текот на 2023 година набавени се 3.417 книжни единици, од кои 1.790 се купени, а 1.627 се добиени како подарок. Од страна на Комисијата за набавка на книги беа земени предвид потребите на членовите и истовремено се следеа актуелните трендови во издаваштвото. Во текот на 2023 година библиотеката продолжи со каталогизацијата во COBISS 3, каталозите беа континуирано одржувани и дополнувани. Библиотекарите максимално се ангажирани околу обработка на стариот книжен фонд по новите стандарди и обработка на новонабавениот фонд со кој располага Библиотеката, се со цел да се достигнат стандардите во современиот начин на библиотекарското работење. Електронскиот систем на зајмување овозможува пребарување и лесен и брз пристап до бараната информација со можност да се резервира и да се продолжи библиотечната граѓа. За информирање на јавноста за начинот на користење на COBISSмк изработено е видео со упатство кое е споделено на Youtube-каналот на Библиотеката, додаде Бошевска.
Библиотеката останува и понатаму еден од културните центри во градот. Директорката Бошевска додава дека целта на библиотеката е да не биде само место за изнајмување книги, туку да и место каде што ќе се случуваат културни настани за сите возрасти на жителите во Велес.
– Библиотеката во целост ќе настојува да ја реализира Годишната програма за 2024 година и максимално ќе се вклучи во културните настани што ќе се одржат во Велес. Секогаш ќе биде отворена за соработка со сите институции и здруженија кои со своите активности ќе придонесат за збогатување на културниот живот во градот, додава Бошевска.
Висината на членарината за една година изнесува 200 денари и притоа се наплатува 10 денари за амортизација, поточно заемница, за секоја позајмена книга од Одделот за деца и 20 денари од Одделот за возрасни.
Зачленувањето во Библиотеката е бесплатно за корисниците на социјална помош, лицата со посебни потреби, децата од предучилишна возраст и учениците од прво одделение.
Стефани Манева