Велешкиот театар со успешен настап на Меѓународниот фестивал „Митем“ во Будимпешта

Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ од Велес ја претставуваше Македонија на реномираниот Меѓународен театарски фестивал „Митем“ во Будимпешта, еден од водечките културни настани на светската театарска сцена.

Во рамките на фестивалската програма, на 17 мај во Националниот театар на Унгарија, беше изведена претставата „Без крв“ од италијанскиот автор Алесандро Барико, сценски адаптирана од Александар Секулов, а режирана од бугарската режисерка Диана Добрева. Овој копродукциски проект ги обедини силите на велешкиот театар и Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија, кои заедно го реализираат двегодишниот меѓународен проект „Манифест“.

-Нашите актери Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Исидор Јованосki и Филип Христовски, заедно со композиторот Сашко Костов, блескаа на сцената и добија силен и емотивен прием од будимпештанската публика. Изведбата беше поздравена со долготрајни аплаузи, изјавија од велешкиот театар.

Настапот на велешкиот театар на фестивалот „Митем“ претставува значаен културен успех и уште една потврда за квалитетот на македонската театарска сцена на меѓународно ниво.
Стефани Манева
