Во Ликовниот салон вечерва археолошка изложба „Memento vivere“
Објавено: 25 декември, 2025, во 14:14 часот
Во Ликовниот салон во Велес, вечерва, со почеток во 19 часот, ќе биде отворена археолошката изложба на камени споменици „Memento vivere“, во организација на ЛУ Народен музеј Велес.
Изложбата ја претставува една од највредните музејски збирки преку внимателно одбрани археолошки предмети и фотографии – архитектонски елементи, релјефи и камена пластика, кои сведочат за богатото културно-историско наследство на овие простори. Посебен акцент е ставен на периодот на римското владеење, при што камените споменици го отсликуваат духот, уметничките достигнувања и секојдневието на минатите времиња.
„Memento vivere“ е дел од пошироките активности на музејот насочени кон санација, конзервација и ревитализација на збирката камени споменици, со крајна цел таа во иднина да прерасне во постојана музејска поставка.
Автор на изложбата е д-р Анита Василкова Мидоска, кустос советник археолог, а проектот се реализира под покровителство на Министерството за култура и туризам, во рамките на Годишната програма за поддршка на проекти од национален интерес за 2025 година.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите во текот на јануари и февруари 2026 година и претставува увертира во одбележувањето на големиот јубилеј – 80 години музејска дејност на Народниот музеј Велес.
Стефани Манева


