Коцевски: Ќе изградиме нов центар за услуги на граѓаните!
Кандидатот за градоначалник на СДСМ најави дека на едно место ќе се вадат личните документи, комунални такси, катастарски услуги и шалтер на пошти.
Проширување на центарот за услуги на граѓаните најави кандидатот за градоначалник на СДСМ во Велес, Аце Коцевски.
Вели дека досегашниот бил пример за 36 општини да изградат исти центри, но веќе го надминал времето.
За тоа во својата предизборна програма предвидува надградба на општинската зграда за да се смести новиот центар кој ќе ги спојува шалтерите на институциите од локалната и централната власт.
За да се реализира ова ја очекува поддршката од државните институции и најави дека и тој ќе соработува со нив.
„Многу посилен ангажман ќе оствариме особено во тесното грло во секторот за урбанизам каде се потребни големи засилувања и подигнување на повисоко ниво на работата во извршувањето на секојдневните задачи. Анализите кои ги правеа неколку невладини организации за спроведувањето на процесот на децентрализација во изминатиот период покажуваат дека овие служби се најслаби во општинските администрации, а особено тоа важи за Велес“, рече Аце Коцевски.
Освен ова, Коцевски најави квалитетни услуги за бизнис заедницата, изградба на туристичко административно биро за зголемување на туристичката понуда, реализација на проектите за енергетска ефикасност на градинките и училиштата, довршување на проектот за уличното осветлување со штедливи светилки и да се заменат азбесните цевки на водоводната мрежа.
Според Коцевски за да се реализираат сите предвидени проекти потребно е зајакнување на општинската администрација која порано служеше за пример./Б.Н.
