РСЕ: Да се актуелизира двојната формула за името, став на Поповски
Јас би го актуелизирал повторно ставот околу двојната формула. Мислам дека тоа би било едно решение коешто би било навистина прифатливо доколку успееме да ја убедиме Грција дека друго ништо не нè интересира поврзано со нивната територија и со нарушување на нејзиниот територијален интегритет, вели Зоран Поповски, кандидат на ГРОМ за претседател на Македонија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
Господине Поповски, во јасноста има мислење дека претседателската функција не е највлијателна функција во државата. Како може шефот на државата да придонесе кон спроведувањето клучни реформи?
Формално да, функцијата Претседател на Република Македонија е врвна функција во државата, но неговите ингеренции се ограничени. Меѓутоа, ако некој сака да делува, да влијае во општеството, има многу инструменти со коишто тоа може да го прави. Суспензивното право е една од тие можности, понатаму сензибилизирањето на јавноста од позицијата Претседател е многу полесно во однос на прашања за кои има несогласувања со извршната власт, особено во меѓународната политика, значи претставувањето на државата, комуникацијата со високите претставници на ОН, ЕУ, НАТО итн. Сето тоа ми дава за право да верувам дека можеби во најголема мера влијанието што ќе го има во општеството позицијата Претседател зависи од личноста.
Дали функцијата е падната во сенка на владата, посебно ако се има предвид дека во последно време сите закони од Собранието, без разлика на реакциите во јавноста, добиваа указ од претседателот на државата?
Симптоматично е што во овие 5 години во текот на мандатот апсолутно ниеден закон којшто е донесен во Собранието не е оспорен од страна на Претседателот. Или оваа политика што се води е толку идеална па претседателот нема забелешки на неа или веројатно ова второто дека влијанието на претседателот е толку минимизирано, што тој не си дозволил да преземе нешто во свои раце. Јас тоа го почувствував и на своја кожа во времето кога организиравме незадоволство поради бруталното донесување на Законот за високо образование и кога од него, прво како колега, побаравме да поразговараме, а потоа и како претседател, ние немавме можност да се видиме и тој без никаков проблем го потпиша тој закон. Оттогаш кај мене тлее тој впечаток дека навистина нема од таа страна никаков интерес работите да се поместат во смисла на отворање на јавна дебата, во смисла на поттикнување на политичкиот дијалог во државата, јас во сегашниот претседател не гледам таква личност.
Како сметате дека може да се поттикне процесот на евроатлантски интеграции, посебно приклучувањето во НАТО, имајќи предвид дека Претседателот е врховен командант на армијата?
Веројатно и граѓаните се заситени од многу декларации дека наш императив е влегување во ЕУ и во НАТО, но ние фактички многу малку правиме за тоа да го реализираме во пракса. Јас сакам малку обратно да ги поставам работите. Мислам дека треба да ја стабилизираме внатрешно државата, треба да ја јакнеме довербата меѓу политичките партии, понатаму меѓуетничката стабилност мора да ја подигнеме на повисоко ниво, да ги зајакнеме институциите на системот, да го ослободиме правниот систем од сериозни политички влијанија, да обезбедиме подобро ниво на слобода на медиумите и тогаш како внатрешно добро организирана држава мислам дека ќе бидеме многу попосакуван партнер за членство во ЕУ, во НАТО и во други организации. Исто така проблемот со името мислам дека премногу праволиниски го гледаме. Мојот пристап е да се обидеме да ги развиваме односите со нашите соседи на ниво на целни групи, граѓани, во областа на културата, спортот, уметноста и кога тоа ќе го направиме во рок од неколку години, тогаш прашањето за името ќе стане апсурдно, како што впрочем пред некој ден и поранешниот генерален секретар на НАТО, господинот Робертсон, тој прво не го разбира проблемот околу името, смета дека е апсурден и смета дека кај и да е, Грција веќе со своето однесување почнува да ги иритира другите партнери и дека многу е блиску моментот кога Македонија ќе стане дел од НАТО. За ЕУ мислам дека ќе треба да бидеме малку потрпеливи, меѓутоа јас велам мора да почнеме со мали чекори. Ако гледаме исклучиво на високо политичко ниво, тогаш излез од оваа ситуација практично нема.
Меѓународната заедница неколку пати повторува дека е подготвена да прифати какво било решение за името сè додека Македонија и Грција се согласуваат и дека прво е името, па после НАТО. Се вели дека Грција е незаинтересирана, но се забележува дека и Македонија не дискутира за ова прашање. Како може да се придвижат работите?
Ние многу лесно за откажуваме од понуди за асистенција, особено околу спорот за името. Паметам, пред година и неколку месеци, францускиот претседател Франсоа Оланд од Брдо кај Крањ каде што се одржуваше Самитот на ЕУ додека Словенија претседаваше со ЕУ, тој понуди медијаторство и ние некако толку лесно го одбивме, а во меѓувреме не успеавме да мотивираме уште некои држави освен Австрија, Шведска, балтичките земји, Хрватска, Словенија, коишто отворено заговараат почеток на преговори без решавање на проблемот со името, мислам дека во тој поглед имаме уште простор за делување. Мој впечаток е дека и дипломатијата, таква каква што е сега, не го дава полниот придонес поради тоа што тоа сè уште не е професионална дипломатија, сè уште имаме неискусни луѓе коишто влегуваат во дипломатските претставништва, или се тоа истрошени политички кадри или релативно млади луѓе без искуство и сето тоа остава лош впечаток за државата. Меѓутоа, ако тука ставиме крај на ваквото да речам селектирање и регрутирање на кадри во дипломатијата и ако знаеме дека имаме навистина изградени капацитети коишто врз основа на сериозни анализи ги водат тие преговори, мислам дека тогаш и тие ќе сфатат дека од оваа страна имаат сериозен партнер за разговор.
Текстот во целост прочитај го тука.