Дојче Веле: Нема да дозволам сомневање во нашиот идентитет, вели во интервју Пендаровски
Активно ќе се бориме за надминување на отвореното прашање со Грција, но нема да дозволам да се отвори простор за сомневања во третманот на нашиот идентитет, во самобитноста и во културниот развој, вели Пендаровски.
Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски, (03.04.1963) е доцент на Универзитетот Американ колеџ – Скопје, но неговите „предавања“ се достапни многу пошироко во македонската јавност. Тој е исклучително активен и ценет соговорник и аналитичар во јавни дебати, што му го овозможува богатиот професионален бекграуд на учесник и сведок на многу значајни политички процеси и периоди. Беше советник за надворешна политика, односно за национална безебедност на двајца поранешни македонски претседатели – Бранко Црвенковски и Борис Трајковски. Во еден мандат беше претседател на ДИК, а во турбулентните ’90-ти години, помошник-министер за внатрешни работи и началник на Управата за аналитика и истражување во МВР. Автор е на повеќе книги и стручни трудови. Докторира на тема „Надворешната и безбедносна политика на ЕУ и малите држави: Рамката на националниот дискурс”. Пендаровски е семеен човек, сопруг и татко на малолетен син, а лично има „полнолетен стаж“ во следењето на сите нијанси во напредокот на интегративните процеси, кои ги смета за исклучително важни за Македонија.
ДВ: За една година, Македонија ќе „одбележи“ цела деценија откако во 2005 доби статус на земја кандидат за членство во ЕУ. Дали и како може да излезе земјата од таа стагнација во процесот на евроатлантски интеграции, односно, како да се реши спорот за името, кој е една од пречките на тој пат?
Пендаровски: Свесен сум дека после осум години колебање на актуелната власт, да направи крупни реформски исчекори во клучните сектори на животот и демократскиот развој на земјава, кои ќе не доближат до европските и евроатлантските интеграции, тоа нема да биде едноставен процес. Но, кај мене не постојат никакви дилеми, дека како претседател на Република Македонија, немам алтернатива, освен да водам принципиелна надворешна политика која ќе ја врати земјава на патот на што поскорешно интегрирање во ЕУ и во НАТО. Ќе ги користам сите уставни надлежности да ги сопрам тенденциите на евроскептицизам во земјава и да и го вратам меѓународниот углед на Република Македонија, кој сега е разнишан. Од зајакнатите меѓународни позиции, обновените пријателства и партнерски односи со највлијателните чинители во светската политика, активно ќе се бориме и за надминување на отвореното прашање со Република Грција. Во едно сум убеден, и тоа како суштинска порака можете да го пренесете до најшироката јавност – нема да дозволам да се отвори простор за какви било сомневања во третманот на нашиот идентитет, во самобитноста и во културниот развој на македонскиот народ.
ДВ: Како ги оценувате односите со соседите и во која мера Македонија може да придонесе за нивно унапредување, со оглед на критиките дека се далеку под нивото на добрососедски?
Пендаровски: Во последниве осум години, угледот на Република Македонија е сериозно нарушен на поширок меѓународен план, но пред сѐ, во односите со нашите соседи. Од земја за пример, земја со принципиелни и остварливи идеи за добробит на државите од нашето непосредно опкружување и на регионот во целина, се претворивме во земја што денес најчесто се наоѓа на меѓународните агенди кога се зборува за конфликтни состојби или за решавање на отворени прашања. Тие тенденции треба да се сопрат, да се врати угледот на земјава кај нашите соседи, во регионот, но и на поширок меѓународен план. Иако географски мала земја, сакам Македонија да се препознава како конкурентен партнер, кој успешно се справува со регионалните предизвици и придонесува за стабилноста на Балканот. Таква Македонија, може повторно да биде глас на разумот и во решавањето на проблемите што и се неправедно наметнати, да гради и стабилна мултиетничка демократија како пример што ќе се почитува и на пошироките меѓународни простори“.
ДВ: Ако ја добиете довербата на граѓаните, како ќе ја извршувате таа функција во услови на силна партиска поделеност во државата?
Пендаровски: Уставна обврска, но и должност кон граѓаните што ти го довериле мандатот за претседател на државата, е да ја извршуваш таа највисока функција на начин што подразбира активно и одговорно да соработуваш со сите носители на власта, на централно и на локално ниво. Функцијата на претседателот, поефикасно ќе се остварува доколку во клучните сектори на неговата работа, утврдени со Уставот, постои интерактивен однос со другите носители на највисоката власт во земјава, со Собранието и со Владата, пред сѐ. Непотребно е можеби да се нагласи, но да споменам, дека таа соработка, ќе биде особено потребна по прашања од стратегиски интерес за земјата и за нејзините граѓани. Тој интерес во целина, е над сите други поединечни или претставнички позиции и интереси. Моја свесна определба, од која нема отстапување, е да бидам претседател кој ќе биде чувар на Уставот, заштитник на правата и слободите на граѓаните и обединувач на нацијата. Нема да се двоумам, кога ќе биде потребно, да се спротивставам на каква било злоупотреба на власта, за да ги заштитам граѓаните од притисокот на оние горе што го загубиле контактот со реалноста. Јас и не можам да размислувам поинаку, освен да се грижам и да ги почитувам интересите на Македонците и Албанците, на Турците и Ромите, на Србите и Власите, на Бошњаците, како и на сите други граѓани на Македонија. Претседателот треба да ги решава проблемите, а не да се крие пред нив, затоа ќе го вратам политичкиот дијалог кај шефот на државата со сите значајни политички, синдикални, граѓански и верски лидери и претставници.
Текстот во целост прочитај го тука.