Иванов во Демир Капија: Работевме одговорно и посветено
Кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ја побара подршката и од жителите на Демир Капија. Пред нив нагласи дека тимската работа придонела да се донесат нови странски инвестиции, да се направеле патишта, да се реновираат училишта и да се задоволат потребите на луѓето од сите населени места. Тоа е можно ако некој е посветен на државата и на граѓаните, по тоа се мери успешноста во политиката, рече Иванов.
„Носевме странски бизнисмени да им покажеме дека имаме навистина потенцијал за винскиот туризам, дека имаме производи кои можат да се извезуваат во нивните земји, покажавме дека кога се работи тимски резултатите секаде се видливи, работевме навистина напорно заедно со премиерот Груевски, со министрите, со централната и локалната власт, спроведовме многу реформи, требаше да се донесат многу закони, многу измени, мораше да се прилагодуваме за европските стандарди затоа што иако сме блокирани кон ЕУ ние ја создаваме Европа тука во Македонија со европски стандарди, критериуми и принципи“, рече Иванов.
Нагласи дека како што е тој постојано меѓу граѓаните, така биле и премиерот и министрите, работеле врз основа на потребите на народот, а потоа за сработеното давале отчет.
„Најмногу винамание посветивме на образованието, се дисперзираа многу факултети за да можат младите да студираат во местата каде живеат. Странските инвеститори ги ангажираат токму тие образовни луѓе, кои имаат знаење и кои се иноватори и креатори. Македонија е позната по своите иновации, затоа што има луѓе кои секогаш знаат да најдат решение за сите предизвици со кои се соочуваат“ рече Иванов.