Зоран Поповски:Сакам да бидам ваш мегафон, да разговараме а не да преговараме за проблемите, да живееме едни со други, а не едни покрај други
Од развиен индустриски град Велес стана град на стечајци. Младите масовно се иселуваат во потрага по достоинствен живот.
Во лицата на луѓето се гледа страв, страв од власта и опозицијата. Време е настрана да ги ставиме интересите на политичките партии, и во центарот да го ставиме неговото височество граѓанинот. Вака пред велешани вечерва се обрати кандидатот за претседател на Граѓанската опција на Македонија, професор доктор Зоран Поповски. Им вети дека ако биде избран за претседател ќе ги штити нивните интереси и ќе ги направи еднакви пред Уставот и законот.
„На Македонија и треба претседател кој ќе ја стабилизира земјата, ќе ги ослободи граѓаните од драконските казни. Сакам да бидам ваш мегафон и на мојата врата ќе можат да тропнат сите граѓани без разлика на верската и политичката припадност“, рече Поповски.
Поповски ја побара поддршката од велешани ветувајќи им економски просперитет и влез на земјата во европското семејство и НАТО. Мораме да разговараме за проблемите и да живееме едни со други. Само така ќе постигнеме етничка стабилност и економски развој, додаде Поповски.
„Економскиот развој да го темелиме на развојот на домашното производство. Да обезбедиме пласман на домашните производи. Секако добредојдени се и домашни и странски инвеститори, но не на начин да го цедиме народот да работи за осум илјади денари, туку да зема барем 15 илјади денари плата“, рече Поповски.
И на крај Поповски ја побара довербата од велешани ветувајќи им дека не е човек кој само сака да седне на претседателската функција, туку да ги води напред во подобра и посветла иднина./ Д.С