Кавадаречките социјалдемократи ја обвинија власта за лошите состојби во лозарството
Општинската организација на СДСМ Кавадарци денеска упати обвинувања до власта за лошите состојби во кои се наоѓале лозарите. Рекоа дека иако пред извесен период јавно реагирале и побарале визбите да го исплатат лани купениот род, одговор не добиле, а на нивните прозивки власта да ги исплати сите субвенции за сите лозари исто така никој не одговорил.
„Со почетокот на новата вегетациска сезона започнаа новите трошкови, а уште старите се неподмирени.Неплатени репроматеријали од ланската година, а започна потребата од нови, неопходни за нова реколота, ново производство. Од секаде расте притисокот, на секој му е потребно неговото, а вие господо од власта, раководејќи се од вашата негрижа за овие луѓе, не го исполнивте вашето. Напротив, им го отежнавте и онака тешкото секојдневие на нашите сограѓани. Насекаде немоќни погледи, наведнати глави и празни џебови. Да биде сето ова уште потрагично се случува во време на кампања, на предизборие“ рече Митко Керов од ОО на СДСМ Кавадарци.
Тој упати прашање до претставниците на власта, како ќе се соочеле на овие избори со луѓето кои ги манипулирале и врз чии судбини и егзистенција газеле.
„Како ќе ги погледнете во очи само вие си знаете. Знаеме дека не ви е лесно, немате аргументи, а уште помалку достоинство да се појавите пред нашите земјоделци, кои иако осиромашени, сепак имаат достоинство и интегритет кои вие го потценувате. Затоа на овие избори ќе се соочите со радикализација на отпорот од страна на земјоделците и сите останати граѓани и ќе ја добиете заслужената казна за негрижата и аздисаното владеење“ и порачаа на власта кавадречките социјалдемократи на денешната пред конференција./А.Д