Карантинот на антиваксерите нема да го стопира ширењето на вирусот
Карантинот на антиваксерите, што се предлага во овој пост на Фејсбук, нема да го реши проблемот, ниту, пак, со применување на ваков тип на мерка целосно ќе се спречи трансмисијата на вирусот. Вирусот ни доаѓа однадвор. Па, дури и да се направи тринеделен карантин за невакцинираните од 1 септември до 21 септември, како што се бара во објавата, на 22 септември може во државата да влезе некој од странство и да зарази невакцинирани лица. Освен невакцнинираните, може да се заразат и оние кои се целосно имунизирани, иако во многу мал процент. Сите вакцини, одобрени од СЗО, штитат од тешки форми на болеста, хоспитализација и смртни последици, но ниту една од вакцините не нуди 100 проценти заштита од разболување
Преку Фејсбук објава се дава предлог луѓето кои одбиваат да се вакцинираат (антиваксери) да бидат ставени во карантин и на тој начин, како што се тврди во објавата, ќе запре пандемијата.
Бидејќи не може да ги вакцинираме со сила, и бидејќи парични казни ќе немаат ефект, можеби најдобро решение е казната да биде во форма на карантин во домот (еден вид домашен притвор) во траење од 3 недели. Меѓутоа, таа мерка ќе треба да стапи во сила истовремено за сите инаку пак не би имало ефект.
Ова, иако е објавено само како предлог за решение за спас од понатамошното ширење на вирусот, сепак, му недостига контекст, затоа што карантинот на невакцинираните нема да го реши проблемот, ниту, пак, со применување на ваков тип на мерка целосно ќе се спречи трансмисијата на вирусот.
Да, вакцинацијата е единственото моментално достапно решение за сузбивање на оваа пандемија, која го стави светот на колена година и половина и која предизвика над 4 милиони човечки жртви. Но, вакцинација против коронавирусот е на доброволна основа, не е задолжителна никаде во светот, ниту кај нас, па, така, оваа предложена мерка не може ефективно да се реализира.
Дури и да може да се реализира, не би го постигнала ефектот за спречување на ширењето на вирусот. Иако вирусот најлесно се шири кај невакцинираната популација и ги прави поризични за заболување, нивниот карантин нема да го реши проблемот, ниту ќе спречи нивно заболување и после карантинот. Вирусот ни доаѓа однадвор. Исто како првичната варијанта на вирусот, така и новите мутации ни доаѓаат од странство – не се создаваат во државата.
Дури и да се направи тринеделен карантин за невакцинираните од 1 септември до 21 септември, како што се бара во објавата, на 22 септември може во државата да влезе некој од странство и да зарази некој што не е вакциниран. Границите се отворени, а во нашата држава не се воведени никакви мерки за оние кои влегуваат во земјата од странство, било тоа да се наши граѓани или странци. Секој влез во државата на некој што присуствувал и имал контакти во странство е потенцијален ризик, а карантинот на невакцинираните никако нема да го реши ова.
Освен невакцнинираните, може да се заразат и оние кои се целосно имунизирани (иако во многу мал процент), да развијат некој или повеќе симптоми на вирусот и да заразат други лица. Сите одобрени вакцини од Светската здравствена организација штитат од тешки форми на болеста, хоспитализација и смртни последици, но ниту една од вакцините не нуди 100% ефикасност.
Следен проблем во однос на ваквиот прилично масовен карантин е неговата практична неспроведливост. Едноставно, нема кој да спроведе една таква масовна акција на затворање стотици илјади луѓе во нивните домови во период од три недели. За разлика од полицискиот час, каде улиците се празни, во овој случај оние кои треба да се во карантин многу лесно можат да се кријат меѓу своите сограѓани кои ја немаат таквата обврска. Да не говориме за тоа дека би требало и брзо да се креира и систем на легитимирање за органите на редот да можат да ги разликуваат оние кои треба да се во карантин од оние кои ја немаат таквата обврска. Организацијата на таквиот систем на легитимирање, покрај очигледните орвеловски елементи во него, има и редица практични потешкотии, кои стојат на патот од неговата остварливост. Има многу аргументи зошто ваквиот потег е неостварлив, проблематичен по повеќе основи, како и неефикасен на крајот од краиштата (никогаш не можете да ги изолирате сите оние кои се во период на инкубација, на пример, колку и да се обидувате).
Карантинот за невакцинирани лица нема многу да помогне. Она што ќе помогне е сеопфатна и информативна кампања и упорна и сеопфатна работа на терен за да се промовираат придобивките од вакцинирањето и можните последици за оние кои одбиваат да се вакцинираат и ризикот што го претставуваат како за себе така и за пошироката јавност.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар