17 март ден на Црвен Крст и крводарителстово: Во велес доделени признанија и благодарници на најхуманите граѓани
Со доделување на признанија на најхуманите граѓани, здруженија и институции коишто во изминатата година несебично дарувале од својата црвена течност и придонеле за исполнување на локалниот и републичкиот план за крводарителство, вчера, велешкиот Црвен крст до одбележа 17-ти март, денот на Црвен Крст и крводарителството.
Во големата сала на Општина Велес, пред многубројните присутни граѓани, признание за 100 пати дарување на крв доби Јован Андреев којшто во изминатите години несебично ја подавал својата рака, дарувал крв и спасувал човечки животи. Порак него за 50 пати дарување крв признанија добија и Сашко Хаџи Арсов, Николче Несторов, Драге Станчевски, Даниела Петровска, Дарко Атанасовски, Илиевски Гоце, Ален Давчевски, Бојан Станчев, Сашо Новачев и Јово Стојков.
Исто така, во знак на благодарност за унапредувањето на крводарителството и значајниот приоритет при исполнување на локалниот и републичкиот план за крводарителство во 2022 година, благодарници добија: Здружение „Велес Бајкинг“,Основна организација на Црвен крст Градско, ССОУ „Коле Неделковски“ и Горан Богоевски.
За време на настанот свое обраќање имаше и претседателката на Црвен крст Велес, д-р Кевица Шопова Клифова, којашто напомена дека за нивната организација крводарителството претставува врвен приоритет.
– Крводарителството е темел на здравствениот систем. Крвта е незаменлив лек, секојдневно потребен за да се спасат многу животи и за нашата организација тоа претставува врвен приоритет, додаде Шопова Клифова.
Додека, градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, во своето обраќање рече дека хуманоста е една од најплеменитите човечки особини.
-Она што за нас е малку, за некого е многу. Како крводарител ќе кажам дека чувството да се биде хуман човек и крводарител е посебно и возвишено, бидејќи дарувањето крв е дарување на дел од себе, додаде Колев.
Свеченоста веше збогатена со две кореографии од членовите на балетското студио „Анабела“ како и два видео спотови изработени од страна на волонтерите на Клубот на млади при велешкиот Црвен крст.
Стефани Манева