Башиноселскиот Мост на реката Вардар конечно, затворен е за сообраќај во наредните најмалку 90 дена (видео и фото)
По мостот кај Башино Село, за влез и излез од северната страна на Велес, од денеска не се одвива сообраќај. По мостот не минуваат ни автомобили ниту товарни камиони а исто така не е безбеден и за преминување на река Вардар и за граѓани. Забраната за сообраќање стигна ден откако Градежен факултет испратил Извештај за состојбата во која се наоѓа статиката како и основата со материјалот од којшто е изграден мостот, до Јавно претпријатие за државни патишта коешто го препратило до Државен и Инспекторатот за сообраќај, за нарушена стабилност на мостот. Градоначалникот на Велес, Марко Колев ја соопшти забраната за движење на луѓе и сообраќај по Башиноселски мост.
„Со око видливо е дека бетонската конструкција на мостот се рони. Железната арматура наместа е `ргосана. Тоа е индикативно и предизвикува сериозни оштетувања на мостот. Проблем постои. Исто така, не постои документ дека мостот е стабилен. Јавното претпријатие за изградба на магистрални и регионални патишта е надлежно за овој мост и одредува како треба да се одржува,“ гласеше ставот на Центар за управување со кризи уште во месец мај, годинава, којшто Дума.мк го објави во истражувачката приказна „Стариот мост кај Башино село не е безбеден за товарните возила, опасноста е преголема а невидлива за политичката кампања“.
Шест месеци подоцна, Премиерот Христијан Мицковски потсети дека во 2018 година, тогашниот градоначалник на Велес, Аце Коцевски, апелираше како за алармантната состојба во која се наоѓа Башиноселскиот мост така и за издејствуваната од негова страна промена на категоризацијата на патот,од локален во регионален, за да се обезбеди неговата санација така и за не превземените мерки од страна на тогашната централна власт за санаирање на состојбата на мостот којшто е од врвен приоритет за одвивање на сообраќајот во Велес.
Тоа што остана нејасно денеска е зошто Владата не ги зема во предвид Основниот проект за изградба на новиот мост кај Башино Село којшто како значаен документ изработен во 2019 година заедно со Студијата подготвена една година претходно, Општина Велес, ги плати со пари од општинскиот буџет?!
Според премиерот Мицковски забраната за сообраќај на мостот кај Башино село ќе трае најмалку 90 дена. Тоа ќе значи дека освен автомобилите низ улиците во Велес ќе мора да се движат и товарни возила но и шлепери. Како тоа ќе се регулира со променетиот сообраќаен режим, стеснетите улици во центарот на градот и метежот којшто континуирано го има во изминатите неколку месеци, засега останува нејасно. Како ќе се реши и дополнителното загадување предизвикано од зголемениот обем на сообраќај во кој ќе учествуваат товарните возила и шлепери?
Предлог решението што проструи денеска по дадените изјави на премиерот Мицковски и градоначалникот Колев е сообраќајот на товарните возила низ градот да се одвива помеѓу 22 и 6 часот наутро и да се направи нова промена на сообраќајниот режим на централните улици. За овие актуелни теми, како што дознава Дума.мк, градоначалникот Марко Колев за попладнево закажал итна средба со бизнис заедницата во Општина Велес.
Убавка Јаневска