(Видео и фото) Стариот мост кај Башино село не е безбеден за товарните возила, опасноста е преголема а невидлива за политичката кампања
„Со око e видливо дека бетонската конструкција на мостот се рони. Железната арматура наместа е `ргосана. Тоа е индикативно и предизвикува сериозни оштетувања на мостот. Проблем постои. Исто така, не постои документ дека мостот е стабилен. Јавното претпријатие за изградба на магистрални и регионални патишта е надлежно за овој мост и одредува како треба да се одржува,“ гласи ставот на Центар за управување со кризи.
Автор: Убавка Јаневска
Педесет и две години стариот мост кај велешко Башино Село е единственото сообраќајно решение за товарнитe возила, кои што по него возат и го преминуваат Вардар за да стигнат до градската индустриска зона во Велес. Половина век подоцна коловозот на мостот наликува на шаховска табла. Тесниот пешачки дел од јужната страна е обраснат со трева и цветови.
Ако на него до пред десеттина година стоеја десетици рибари, сега нема ниту еден да лови риба во реката. Тоа што е различно од времето на проекцијата и изведбата на мостот, платена со пари на тогашната ЈНА во време на социјалистичкото општествено уредување, е што сега има за десетпати поголема фрекфенција на сообраќај по мостот. Особено на тешки товарни возила.
Пред неполни шест години се мереше фрекфенцијата на сообраќајот на мостот и резултатите покажаа дека за 60 минути преку него поминуваат 39 шлепери камиони, 43 товарни возила, како и 250 коли. Тогаш испитувањата на стабилноста на мостот од страна на експертите на Завод за испитување на материјали и Градежен факултет од Скопје покажаа резултати дека Башиноселски мост не е безбеден и итно е потребна санација на неговата конструкција, поточно на столбовите кои се напукнати, решение за одводнувањето, за да не попушти статиката особено за камиони со носивост од 40 тони додека брзината на сообраќај да не е поголема од 20 км/час.
Минатата година Центарот за управување со кризи направи проверка на 30 мостови во државата. Тоа се мостовите коишто веќе се покажале како можни критични точки за безбедноста на граѓаните, особено при елементарни непогоди и поплави. Проверката покажа дека на листата на небезбедни и со сериозни оштетувања е и мостот кај велешко Башино Село.
„Со око e видливо дека бетонската конструкција на мостот се рони. Железната арматура наместа е `ргосана. Тоа е индикативно и предизвикува сериозни оштетувања на мостот. Проблем постои. Исто така, не постои документ дека мостот е стабилен. Јавното претпријатие за изградба на магистрални и регионални патишта е надлежно за овој мост и одредува како треба да се одржува,“ гласи ставот на Центар за управување со кризи.
НЕ ПОСТОИ ДОКУМЕНТ ДЕКА МОСТОТ КАЈ БАШИНО СЕЛО Е БЕЗБЕДЕН
Сепак, санацијата на мостот долг 101 метри, беше отфрлена како опција уште пред неполни шест години. Тогаш за неа експертите констатираа дека не може да биде трајно решение, туку само да овозможи продолжување на векот на овој мост за уште 10 години. Препораките всушност беа дека е потребна изградба на нова мостовска конструкција.
Поранешниот градоначалник на Општина Велес, Аце Коцевски, тврди дека уште тогаш алармантните сознанија на професорите од Градежeн факултет кои по измерената статичка стабилност и особено по констатацијата дека мостот е премногу оптеретен со возила резултираа со категоризација од локален во дел од регионален пат.
„Општината нема буџет што би можел да овозможи изградба на нов мост, па затоа државата ја превзема обврската за реализација на проектот. На Велес му треба мост кај Башино Село, стабилен и безбеден, затоа што сообраќајниот капацитет на улиците во градот целосно би ги блокирале камионите и шлеперите, кои се неопходни за работа на индустриските капацитети. И не само овој, туку на Велес му треба уште еден мост за потребите на фирмите во индустрискиот дел на градот“, тврди Коцевски.
Министерот за транспорт и врски Благоја Бочварски при последната посета во Велес одговарајќи на новинарско прашање на Јасно.мк соопшти дека проектната задача и програма за мостот биле подготвени, но работата ја закочиле двата неуспешни обиди за избор на фирма за подготовка на тендерската постапка за изградбата на новиот мост.
Министерот во кусиот одговор не беше прецизен околу локацијата на изградба, поточно дали се планира новиот мост да се гради на самата локација или евентуално со изместување на трасата до него, што пред неполни шест години се заговараше.
Тоа решение како предлог беше посочено за да се избегне острата кривина, во која возилата навлегуваат штом го поминат мостот за да влезат во велешката населба Шорка. За променетата траса, сепак проблем би создал приватен имот во којшто граѓани на Велес имаат изградено викендица. Всушност и од источната и од западната страна на Башиноселски мост, на брегот на река Вардар, земјата не е во државна, туку во приватна сопственост.
Во актуелната кампања за парламентарните избори овој за велешани стратешки сообраќаен објект досега не е спомнат ниту еднаш, иако е повеќе од значаен како за градот, така за компаниите. Многу поатрактивен за изградба за една политичка партија е неизградениот популарно наречениот „Бранков мост“ на велешкото езеро „Младост“ чии столбови се поставени во втората половина на деведесеттите години, на минатиот век, како заложба за изградба на нов пат од Велес за Прилеп. Од тогаш до денеска столбовите стојат само како потсетник на еден пропаднат проект.
Текстот е превземен од Јасно.мк