Безбедни вакцините „Фајзер“, интересот за нив голем во Велес
Пет денови по дистрибуцијата од специјалните фрижидери вакцината „Фајзер“ може да стои во медицинските ладилници со кој располага службата за имунизација на „Здравен дом“ Велес. Затоа вакцините што во петте работни денови во неделата ги добива јавната здравствена установа во градот се безбедни. За нив постои голем интерес, како од возрасната така и од младата категорија на граѓани што веќе се пријавени на vakcinacija.mk за добивање на вакцината. Ова денеска го соопшти за Дума.мк, координаторот на вакциналниот пункт во Велес, Д-р Марина Тодоровска.
Најголем број од граѓаните таму, за вакцинирање, доаѓаат наутро и редици што чекаат можат да се видат околу 8:30 часот. Но бидејќи пунктот располага со 15 вакцинални места, што поради малиот број на вакцини не може да се искористат одеднаш, лесно се воспоставува ред и вакцинацијата тече без проблеми.
-Од среда до петок, ќе вакцинираме со прва доза од вакцината „Фајзер“. Во текот на вчерашниот ден вкупно 318 граѓани ја примија вакцината и кај ниту еден граѓанин не се појавија несакани реакции. Денеска и утре, имаме по 360 термини и сите граѓани се пријавени преку vakcinacija.mk. Можам да кажам дека одѕивот е одличен, сите граѓани си доаѓаат на закажаниот термин и тие се на возраст од 40 до 59 години, додаде д-р Тодоровска.
Засега велешкиот пункт за масовна вакцинација не располага со точни ифнормации за бројот на вакцини коишто ќе им биде ставен на располагање, за петте дена од наредната недела. Доколку бидат обезбедени поголеми количини на вакцини, пунктот ќе работи и двосменски и во првиот ден од викендот. Но засега Дума.мк не може да обезбеди информации од Министерството за здравство.
Стефани Манева