Божиќ, најрадосниот празник – „Спокој во душите, љубов во срцата, мир и благосостојба во домот како и меѓу луѓето добра волја!!“
Божиќ е највесел празник кој треба да се помине во кругот на семејството и заеднички да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Исус Христос, во топлината на семејниот дом. Според црковниот календар, се празнува три дена. Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.
Уште од рана зора на првото божиќно утро се слушаат ѕвона од сите православни цркви, луѓето се облекуваат свечено и одат во црква на литургија. На овој ден завршуваат и божиќните пости, а оние кои постеле одат на причеста во црквата. Луѓето се отпоздравуваат со зборовите „Христос се роди! Навистина се роди!“. Насекаде се чувствува радоста и веселиот дух кој ги обзема луѓето по повод на раѓањето на Исус.
Многу е важно и кој прв ќе ви влезе на Божиќ во домот да ви честита, односно како што велиме во нашите краишта „кој ќе не полази“. Сите посакуваат тоа да биде младо машко дете или момче како симбол на здравје, сила и благодет. Во некои краеви „полазникот“ ја отвора вратата од огништето, го распретува огнот и изговара желби за радост, бериќет и напредок. Домаќините богато го даруваат и му возвраќаат со исти желби.
Божиќ е првиот мрсен ден по повеќенеделниот пост, кога се подготвува богата трпеза и мрсна храна. Обично се подготвува печено свинско, калорични салати, торти, слатки и се наздравува. Се прави и свечена погача која се украсува и се става на средина на трпезата. Порано во погачите се ставало и семе од дрен за здравје, семе од грав, пченка, пченица и делови од бадникот.
Постојат верувања дека се што правите на овој празник ќе правите во текот на целата година, па затоа луѓето обично ги прават оние работи кои си ги посакуваат. На овие големи празници се верува и дека не смеете да се карате и тепате, треба да простите, да се смирите со скараните и да ширите љубов и радост.
Божиќните обичаи речиси секаде се исти, а сите ги живеат деновите на симнувањето на Господ меѓу луѓето и неговата огромна љубов и жртва за спас на човечкиот род.
Блесокот на светлината го отвора небото во тивката ноќ, а ангелскиот восклик одѕвонува со надеж и радост со зборовите: „Слава на Бога во височините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја!
Среќни Божиќни празници, Христос се роди -Навистина се роди!
Дума.мк