Обидувајќи се да го спаси мажот, жена загина згмечена од трактор
Во обид да му помогне на сопругот кој се нашол под трактор во движење и да го извлече и таа се нашла под него и се здобила со тешки повреди од кои подоцна починала. Бизарна несреќа се случила утрово околу 8.15 часот во двор на семејна куќа на улицата Партизанска во Демир Капија.
Тракторот кој бил паркиран во дворот одеднаш се придвижил и со задното десно тркало го зафатил седумдесет годишниот Л.А. Потоа го завлекол во внатрешноста на тракторот и човекот паднал на земја со видливи телесни повреди по телото.
Во моментот на несреќата во дворот била присутна и неговата сопруга шеесет и осум годишната Катерина А. Кога се наведнала да му помогне на сопругот ја зафатило задното десно тркало од тракторот во движење и ја повлекло.
Соседот кој бил во близина се обидел да им пружи помош и веднаш повикал итна медицинска помош од Неготино. За жал сопругата не издржала и на пат кон Ургентен центар во Скопје им подлегнала на повредите.
Увид на местото на трагедијата извршил јавен обвинител од Кавадарци и увидна полициска екипа од Неготино./Д.С